„Слепото следење на политиката на ЕУ-интеграциите, кои никако да мрднат од нулта точка, е показател за одредена дезориентација на Македонија на меѓународната сцена. Без јасна стратегија за надворешна политика и со нагласена реактивна природа, ние сме држава без компас во надворешната политика.“ – вели универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Геополитика за губитници“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, Јанкуловски пишува: За да се движи низ денешната комплицирана транзиција на геополитиката, Македонија ќе треба да престане да ги живее илузиите на нашите безалтернативни лидери и гревот на меѓународната заедница кон македонската држава.Европа има малку желба да се занимава со проширувањето, а особено со Македонија, освен дипломатски да го одржува во живот нејзиниот безалтернативен сон на надворешната политика.

Европската интеграција е ставена под знак прашалник. Овој процес на промени и приспособување на Европа на новиот поредок што се раѓа, нашите неспособни и неписмени политички лидери не можат да го следат и да ги обликуваат правилата на безалтернативниот пат во надворешната политика. Нашата надворешна политика се коцкаше со државата, нејзината историја, култура и јазик и не успеа.

Затоа, овој момент вреска за ново лидерство, кое ќе помогне да се создаде чувство за ред, за организатор, кој ќе помогне за движење низ овој комплициран хаос на предизвици во надворешната политика, да се стабилизира геополитичката конкуренција и да се обезбеди барем одредена скромна заштита на националните интереси во изменетиот меѓународен пејзаж. Лидерство што ќе биде способно да ја предвиди нашата иднина во светот, кој се менува, да ја следи променетата Европа и да одговори на поканата за патување во иднината со неа.