„Да читаа нашиве политичари во животот колку што крадеа ќе знаеја малку повеќе каде нѐ водат. Вака, не одведоа во безидентитетска бездна. Македонија од национална држава се претвори во беззаконска банда. Таа стана политичка урнатина без нација и без иднина“ – вели универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Како политички неписмена багра нѐ одведе во безидентитетска бездна“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, Јанкуловски пишува: „Што се случува со националната политика? Ако воопшто имаме таква. Што се случува со националната држава на македонскиот народ од деведесеттите? Зарем сѐ уште некој верува дека постои? Секој ден во Македонија настаните го навестуваат забрзаното распаѓање на политичкиот систем и националната држава, ставајќи ги под прашање владеењето на правото, демократскиот систем, па дури и пазарната економија.“
„Македонија од национална држава се претвори во беззаконска банда. За сè поголем број луѓе нашата држава е политичка национална руина, што не може да понуди веродостојна, остварлива иднина. Национална држава без нација.“
„Со години Западот го постави национализмот како главен непријател на системот, со неговите две најважни творби: нацијата и националната држава. Национализмот полека го претворија во реликвија на историјата; феномен што треба да се отстрани, бидејќи не дозволува натамошен незадржлив развој на економските сили. Како резултат на тоа ќе се појави хомогена универзална држава, што ќе ја замени обединетата национална држава. И таа нова држава, која што е во процес на настанување, но која никако да настане, ја погреба националната држава во Македонија.“
„Целосно забегаа неолибералите, кои се денес сосема посветени на борбата против какви било манифестации на национализам. Неолибералите не се свесни дека начинот како ја водат борбата против национализмот – кој моментално има форма на судир со националните држави – продолжува да ги уништува темелите на западните општества. Темелите на нашето општество одамна ги уништи. Лишени од организам на национална држава, западните општества, а и ние заедно со нив, предодредени сме и осудени на хаос и незамислива социјална катастрофа. Ако некој има дилема во овие зборови, нека ја погледне реалноста во Македонија денес.“
„За што се борат неолибералите во Македонија денес? Секако, да го задржат своето досегашно влијание. Повеќето неолиберали ја сметаат националната држава за свој главен противник. Изгледа дека во борбата на неолибералите и популистите победуваат популистите. Секако не и кај нас. Затоа нашата историја станува заедничка, нашата култура иста, а јазикот дијалект. Да читаа нашиве политичари во животот колку што крадеа ќе знаеја малку повеќе каде нѐ водат. Вака, не одведоа во безидентитетска бездна.“
Home Македонија Јанкуловски: „Политичка багра ја претвори РМ од национална држава во урнатина без...