„Владеењето на оваа Влада на самонаречените ‘државотворни’ е коруптивно, бесрамно, фанатично, импулсивно, бесмислено. Оваа влада претседава со најсуровиот, најразорен и најжесток напад врз македонската државност, што оваа нација некогаш ја познавала. Ова е кампања за растурање на државата.“ – вели универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Македонија – иронија на историјата“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, Јанкуловски пишува: „Иднината не ни е светла како што кажува октроираниот премиер. Катастрофите што нѐ следат сиве години на транзиција продолжуваат со несмалено темпо: сѐ повеќе неконтролирани политички бури, опасни бранови на глупости, ужасни изливи на политичка омраза, поплави на лицемерство и сервилност, бесни племенско-политички судири и други крајни настани без преседан. Ова што ни се случува е распаѓање на државата.“
„Владата стана неефикасна, бавна, неспособна, или неподготвена да одговори на нашите потреби. Стана влада на национално предавство и срам. Додека народната поддршка за Владата опадна, внатрешната цврстина беше постигната со вработување сѐ повеќе јавни службеници. Растурањето на државата вообичаено бара приближно 10-15 години. Со оваа влада овој процес се забрза. На народот му го зедоа името, потоа историјата, па јазикот и културата. Го уништија образованието. Го обезличија национално, го осиромашија, го понижија. Му наметнаа општество на беззаконие и нефункционалност.“
„Го хранат народот со лаги, скандали и афери, за да не ја види поголемата слика на распаѓањето. Ова денес е уривање на државата и поттикнување локални колаборационисти, криминалци и опортунисти да се вклучат во тој процес. Дали донесувам премногу мрачен заклучок за македонската држава денес? Дали власта се движи во катаклизмична насока?“
„Не гледам како да ја отсликам поинаку реалноста во Македонија. Работите ќе се влошат пред да се подобрат. Зошто? Ваква самоуништувачка оргија на власта не е видена во поновата светска историја. Со оваа власт станавме иронија на историјата. Луѓето може да бидат во искушение да мислат дека ова е привремен процес врзан за оваа политичка гарнитура и оти со нејзиното заминување процесот ќе запре. Можеби ќе забави, но не верувам дека може да запре.“
Home Македонија Јанкуловски: Оваа Влада на национално предавство води најразорен и најжесток напад врз...