„Се додека се остава Бугарија да прави што сака и да нѐ малтретира, таа ќе остане со тврд став, инсистирајќи на точките од спогодбата. Од ЕУ ѝ одат на рака и сум оптимистички расположен во однос на решавањето на спорот.’ – вели дипломатот и публицист Драган Јањатов.“ – изнесува весникот „Нова Македонија“ во статијата со наслов „Јањатов: Додека се остава Бугарија да прави што сака, таа ќе остане со тврд став“.

„Нова Македонија“ објавува: „Тој изрази загриженост од можни отстапки од македонска страна, надвор од црвените линии за јазикот и за идентитетот. ‘Се плашам да не има веќе договорени отстапки од македонска страна, надвор од истакнатите црвени линии за јазикот и за идентитетот. Со тоа би се попуштило во однос на други прашања. Не можеме да знаеме додека не видиме што ќе донесе бугарскиот Кирил Петков во Скопје.’ – смета Јањатов.“

„Најавите на новоназначениот бугарски премиер Кирил Петков за проширување на темите на дискусија помеѓу Софија и Скопје со пет посебни комисии за унапредување на односите, за Јањатов претставуваат своевидно одвлекување на вниманието од поважните прашања во спорот. ‘Тоа е за да се одвлече внимание. Не е спорно дека треба да има меѓусебни односи и разговори за инфраструктурата, трговијата, културата, но можно е преку ваквата комуникација Бугарија да сака да протури одредени работи во преговорите.’ – објаснува дипломатот од кариера.“

„Тој го посочува и отстуството на транспарентност во преговорите помеѓу Македонија и Бугарија. ‘Најлошо е што нема транспарентност и веродостојна информација. Народот е препуштен на претпоставување. Се повторуваат флоскули, кои веќе им се познати и на врапците. Затоа не сум оптимист.’ – заклучува Јањатов.“

„Новиот бугарски премиер Кирил Петков ќе ја посети Македонија идната недела. Предвидено е да се сретне со македонскиот колега Димитар Ковачевски. Новите контакти можат да донесат дополнително појаснување на ставовите во спорот, особено по промената на владините состави во двете држави. Но, од бугарска страна претходно беше нагласено дека нема да отстапат од постојните позиции.“ – напиша „Нова Македонија“.