Македонскиот филмски режисер Јани Бојаџи на својот профил на „Фејсбук“ констатира дека по собраниската седница во петокот за отворање на Уставот за промени во согласност со Преспански договор во Македонија и официјално владее национал-социјалдемократизам.
„Драги мои, пред да се одјавам на овие теми, за кои пишувам за последен пат, сакам да ви посакам сила, трпение и мудрост! И не заборавајте, илјада пати повеќе време е потребно вие некого да убедите дека е слободен, отколку што на неговите поробители им било потребно да го заробат него и неговиот ум! Оти не попусто Јане рекол: ‘Робот за слободата, а слободниот за совршенството’!
Денес одминува првата недела откако во Македонија и официјално владее ‘национал-социјалдемократизам’, односно неговиот новоевропски рецидив, во историјата познат како ‘национал-социјализам’ или нацизам!
Во оваа држава на власт е мнозинство составено од социјалдемократи и националисти, поранешни членови на националистичката партија (како што ВМРО и официјално ја карактеризираа(т) многумина високи европски и американски фукционери), кои беа обвинети и затворани заради, внимавајте, тероризам и државен удар, обвиниенинија кои сè уште не се повлечени!
Така и Адолф Хитлер е ослободен од затвор во кој што бил заради – обид за (каква иронија!) – теророзам, пуч и насилно рушење на демократскиот поредок на Германија!
Значи, НАЦИОНАЛ СОЦИЈАЛИСТИЧКАТА РАБОТНИЧКА ПАРТИЈА или НСДАП, како што е официјалното име на нацистичката коалиција, која реално била само обична збирштина од властољубиви буржуи, отпадници од разни безидејни партии и движења, денес повторно воскреснува на периферијата на континентот, онака како што се родила во Баварија, на периферијата од Германија во 1921 година!
Се разбира, денес во Македонија тоа се манифестира во нејзиниот фарсичен облик, онака како што е случај кога историјата се повторува! Но, секоја историска репетиција од фарса неодминливо води кон трагедија! Затоа и го пишувам ова. Заради стравот од она што следува после тоа! Чаплин во 1940. во бравурозната филмска фарса ‘Големиот диктатор’ се ругаше на реалниот лик на живиот диктатор. Но, само една година подоцна таа ‘играчка’ се претвори во ‘плачка’!
Да не забораваме. И во тогашна Германија, како и сега во Македонија, нацизмот бил поддржан и финансиран од европската буржоаска елита со образложение дека нацистите и тоталитаризмот се единственото решение за излез на тогашна Германија од големата политичка и економска криза и дека така мора да биде затоа што, внимавајте, ‘нема друга алтернатива’!
Ви звучи ова познато, нели? Истите фрази се користат и денес.
И тогаш, по востанувањето на нацистите на власт, во Рајхстагот во 1933 година, прво што направиле нацистите бил повикот на помирување и национално обединување заради воспоставување на правен поредок, економска благосостојба и траен мир во тој дел од Европа, за чија што реализација побарале поголеми законски овластувања и промена на законите и уставот на земјата.
И ова ви звучи познато, нели?!
Ова се истите флоскули што денес ги пропагира македонската фашистичка елита и нејзините европски и американски протектори. Не се чудете, во 1933 година во Америка, господинот Адолф бил нарекуван ‘голем лидер’ и бил помаган од американската политичка и бизнис елита! Но, не се фрустрирајте од вашата немоќ вие денес да ‘сторите нешто’ во вашата земја. И во Германија, мајката на просветителството и на филозофијата на здравиот разум, умните луѓе не можеле да се спротивстават на моќта на парите, заканите и пропагандата. Така одат тие работи на почетокот. Со убаво и со арно. Спакувано во ветувања за еднаквост и обединување во големото семејство на народите, благосостојба, пари, социјални бенефиции, право и правда, убавини и ‘илјадагодишен Рајх’!
Потоа доаѓаат теророт и прогонувањата, кои во нацистичка Германија на крајот завршуваат со масовна експлоатација и пљачка, прво на обичниот работник Германец, а потоа и со масовни злосторства врз кого и на кого ќе стигнат. И сето тоа било параван за буржоаската елита и за нејзините бизниси и корпорации, кои работеле со полна пареа и чии ‘фрими-деца’ и ден денешен се господари на светот, а од нив избраните извршители се и официјалните управители на она што сега се нарекува европска администрација!
Ете, така било тогаш, а така е и сега во оваа мала и кутра земја, која е земена за егземплар, полигон, лабораторија во која се изведува експериментот за производство на нови нации и општества по примерот на нивните корпоративни брендови, на кои лепат пазарна етикета new, light или diet, не променувајќи ништо суштествено во структурата на самиот производ!
Драги мои, ова се случува денес во нашата земја, во која, наместо видливи и препознатливи промени кои ќе создадат реално нови и подобри граѓани, општество и општествен производ, тие на старото и на лошото само му додаваат ново дополнително име!
И тоа е сè!
Но, и тогаш и сега, имало луѓе подготвени да се борат за слободата, правдата и демократијата. И на крајот победиле. Ќе победиме и ние. СМРТ НА ФАШИЗМОТ – СЛОБОДА НА НАРОДОТ!“, порача режисерот на филмот „Ругање на Христос“.