„Според мене, нема потреба да се прави драма од секоја пречка на патот. А јас ја гледам позицијата на Бугарија како пречка на патот. Не можам да предвидам кога точно ќе се случи меѓувладината конференција, дали за време на португалското претседателство, се надевам дека тоа ќе се случи. Но, важното е да не се разочарувате секој пат кога има пречка на патот, продолжете натаму, спроведете ги реформите и ќе ве поздравиме како членка – вели во интервјуто за Радио Слободна Европа, амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп.

На новинарско прашање како гледа Холандија на бугарските условувања заради усвојување на преговарачката рамка, тој посочува дека ги гледаат како што ги гледа и секоја друга членка во Унијата.

„Како листа на билатерални прашања кои немаат места во преговарачката рамка. Во март кога беше договорено Северна Македонија да ги почне преговорите, земјите членки со месеци работеа на преговарачката рамка со Европската комисија и како и во сите случаи пред Северна Македонија, нема место за билатерални прашања во тие рамки. Земјите треба да ги решат тие прашања пред да станат членки – порачува амбасадорот.

Според него сите земји членки биле согласни оти треба да се одржи првата меѓувладина конференција.