Основниот суд во Кавадарци извести дека му е изречена казна затвор во траење од 15 години на обвинетиот П.Н. од Неготино кој до смрт ја претепал поранешната партнерка.
Обвинетиот го призна делото и прогласен е за виновен за настанот што се случи на 02.08.2022 година во Неготино.
46-годишната Љ.Г. беше крвнички претепана од својот поранешен партнер П.Н. (51), по што со тешки телесни повреди и во кома, по неколку дена почина на скопските клиники.
П.Н во минатото бил во врска со Љ.Г. На втори август годинава, тој дошол во нејзиниот дом и по вербална расправија со неа, започнал да ја удира со боксови во главата и ја турнал во туш кабината.
Притоа се здобила со тешка телесна повреда и западнала во коматозна состојба. По интервенција во Општа болница – Кавадарци, таа била итно пренесена на лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, информираа тогаш од Обвинителството.
Жената почина на шести август. Беше мајка на две полнолетни деца.
Казната затвор во траење од 15 години, ќе биде извршена по правосилноста на пресудата, се вели во известувањето од Основен суд Кавадарци.