Една од најуспешните макеоснки и регионални компании „Алкалоид“ во полугодишниот извештај за периодот 1 јануари – 31 јуни остварила раст на консолидираните продажби од 14 отсто, раст на консолидираниот извоз од 20 проценти, 127 нови вработувања и инвестиции од 8 милиони евра.

Нето-добивката за првите шест месеци од годината изнесува 683.064.178 денари и е зголемена за 16 отсто.

Продажбите во првата половина од 2022 достигнуваат 5.283.892.387 денари, што е за 10 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 7.131.908.525 денари, што е за 14 проценти повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

И продажбите на домашниот пазар се зголемени за 3 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 20 отсто. На домашниот пазар се продадени само 32 отсто од производите на „Алкалоид“ додека пак, 68 % се остварени на странските пазари.

Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Полска (раст од 163%), Романија (раст од 140 %), Германија (раст од 93 %), Бугарија (раст од 55 %), САД (раст од 45 %), Ерменија (раст од 40 %), Грција (раст од 28%), Турција (раст од 28%), Косово (раст од 13 %), Словенија (раст од 8 %), Албанија (раст од 6 %), Србија (раст од 6 %) итн. Во периодот јануари – јуни 2022 година во сегментот фармација се реализираа и првите поголеми продажби во Португалија, во износ од 9 милиони денари и во Монголија, во износ од 7 милиони денари.

Во продажбата на фармацевтските производи, поголем удел имаат антибиотиците со удел од 23 %, препаратите ОТЦ со 18 %, кардиолошките препарати со 14 %, невролошките препарати заземаат 13 % од вкупните консолидирани продажби итн.

Во продажбата хемиските производи учествуваат со 3 %, козметиката со 7 %, а билкарство учествува со 2 %. Вкупните продажби бележат пораст кај сите профитни центри во споредба со остварените во истиот период од 2021 година. Сегментот фармација бележи раст од 14%, хемија од 15%, козметика од 5% и билкарство од 19%.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2022 година изнесуваат 490.007.774 денари. Реализирани се нови 127 вработувања во Македонија. Исплатениот регрес изнесува 30.000 денари. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.609 вработени, од кои 2.011 се во базата во Скопје, а 598 се вработени во подружниците во странство.

Цената на акцијата во периодот јануари – јуни 2022 година се движеше од 16.385,00 денари до 19.400,00 денари, или просечно 17.894,72 денари за една акција, што претставува раст од 21,4 % во споредба со просечната цена во истиот период од 2021 година. На 30.06.2022 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.268 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше речиси 24 милијарди денари.

„Во согласност со очекувањата, уште во текот на минатата година здравствената криза се претвори и во економска, а со тоа се појавија и нови предизвици во работењето. Она што како тренд започна во 2021 година, а ќе доминира и во 2022 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергенсите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака. Сето ова веќе започна да влијае и на стапката на инфлацијата што веројатно како тренд ќе биде уште понагласен во периодот што следи. Земајќи го предвид конфликтот помеѓу Русија и Украина, започувајќи од 24 февруари 2022 година, АЛКАЛОИД АД Скопје превзема неопходни мерки за заштита на инвеститорите, купувачите и вработените обидувајќи се да им овозможи безбедни услови.

Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели“, се предвидува во понатамошниот бизнис план на „Алкалоид“.