Извештајот од ЕК не бил (нај)лош: Македонија трета во Западен Балкан според прогресот, вели државниот советник Тилев!

Наспроти оценката на опозицијата и на најголем дел од стручната јавност дека последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија е најлошиот досега, државниот советник во Секретаријатот за европски прашања, Драган Тилев, тврди дека нема назадување, туку само забавување на прогресот.

Во целиот извештај има две мерила на кои треба да се обрне внимание. Првото е нивото на усогласеност, а второто е прогресот, односно напредокот во изминатите 365 дена. Во однос на прогресот, како што вели Тилев во емисијата „Анализа“ на ТВ 21, направена е компарација со шесте земји од Западен Балкан кои го добија извештајот и на оваа листа Македонија е на третото место.

Прогресот е забавен во сите земји, па нотирано е и кај нас дека немаме доволно брз прогрес во споредба со минатата година, но нема намалување во вкупната подготвеност на Македонија за старт на преговори со ЕУ, објасни тој.