Младите истражувачки Неда Петковска и Васка Лешоска во соработка со Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство подготвија тематски Извештај за насилство врз жените и семејно насилство во Република Македонија, на тема: За кого Интернетот е безбедно место?

Родово-базираното насилство во онлајн просторот, или дигитално родово базирано насилство, е склоп на насилни дејствија насочени кон жени и девојчиња поради нивниот родов идентитет, сторени или потпомогнати, делумно или целосно, преку употреба на информациски и комуникациски технологии.

Ваквото насилство и злоупотреба може да доведе до сериозни последици по здравјето, интегритетот и достоинството на жртвата и нејзините блиски пријатели или фамилија, и да ја доведат жртвата до животно-загрозувачка состојба. На глобално ниво, жените имаат 27 пати поголем ризик да бидат вознемирувани онлајн за разлика од мажите.

Овој тематски Извештај се обидува да го адресира проблемот на дигитално родово-базирано насилство, контекстуализирано, преку студија на случај во Македонија и да придонесе кон дебатата за потребата од дополнителни превентивни и заштитни мерки насочени кон подобро регулирање на онлајн просторот со цел заштита на жртвите од родово-базирано насилство.

ШТО Е СО ДИТИТАЛНО РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО ВО МЕЃУНАРОДНОТО И ДОМАШНОТО ЗАКОНОДАВСТВО?

Извештајот го анализира меѓународно законодавство. Меѓународните стандарди не поставуваат експлицитна правна основа за дигиталното родово-базирано насилство, иако постои и е дефинирано во поновите прописи, како што се Истанбулската конвенција и генералната Препорака 35 на CEDAW.

На ниво на ЕУ се предлага нова директива за дигитални услуги со која се отвора простор за санкционирање на насилството во онлајн просторот преку поригорозно регулирање на содржината на онлајн платформите.

Во однос на домашното законодавство, дигиталното насилство врз жените е препознаено како облик на родово-базирано насилство во домашното право, но се уште не е криминализирано во рамки на Кривичниот законик на РСМ.

ЈАВНА СОБА, 25 јануари 2020г.

Како дел од Извештајот е и студијата за случајот „Јавна Соба“ кој одекна во медиумите на 25 јануари 2020 година. Овој случај се уште нема судска разрешница и се уште никој не понесол кривична одговорност.

Деталната анализа на случајот „Јавна соба“ покажува дека токму отсуството на хармонизирана законска рамка и дефиниција на дигитално родово-базирано насилство придонеле кон неказнување на сторителите на ваков вид насилство, особено доколку жртвите се полнолетни жени.

Сите жртви на „Јавна соба“ се жени и девојки. Сите сторители се мажи. Сепак, во институциите „Јавна соба“ не беше третирана како отелотворување на родово-базирано насилство. Оттука, и казнувањето на сторителите е несоодветно, споро и сè уште неспроведено.

Јавна соба“ одекна во јавноста во јануари 2020 година. Иако креаторот на групата и некои од администраторите им беа познати на институциите уште првите неколку денови од откривањето, случајот остана во предистражна постапка една година. После една година молк од Јавното обвинителство, медиумите обелоденија три нови групи како „Јавна соба“. „Леле колку е зрело градена за 14 години“, „Скини ја татенце“, Неки децки порнич“62 , „Има ли некои слики од професорки добри?“63 „Од ново лисиче дајте нешто“, „Курвата отишла во полиција да ја пријави групава што некој пуштил од неа гола слика“, беа дел од коментарите кои јавноста можеше да ги прочита на споделените скриншоти од „Јавните соби“. Освен слики и видеоклипови, во групата се споделувале имиња и презимиња од девојчиња и жени, телефонски броеви на кои може да се добијат, профилите на Инстаграм и Фејсбук на кои може да се најдат, градот и населбата во кои живеат.

Во сиот сензационализам од неколкудневното следење на првиот случај со „Јавна соба“, во медиумите главно отсуствуваа сведоштва за искуствата на жртвите. Според неколку анонимни изјави после објавувањето во „Јавна соба“, жени трпеле константно вознемирување од мажи кои им праќале слики од пениси и барале сексуални услуги во приватни пораки или со коментари на социјалните мрежи. Жени и девојки беа дискредитирани со слики од одмор или слики кои ги споделиле на нивните приватни профили. Дел од сликите и видеата биле испратени во приватни пораки до претходни или сегашни партнери и сопрузи, не замислувајќи дека илјадници мажи ќе ги споделуваат на Телеграм. Во првата „Јавна соба“ членувале 8 000 членови, во вторите по 5 000. Во меѓувреме се откри и „Популација балкана“ во која членувале 36 000 мажи од Србија и Македонија.

ПОЗИТИВНИ ПРАКСИ ОД ЕВРОПСКИ ДРЖАВИ

На ниво на Европа, проблемот со дигитално родово базирано насилство е горлива тема, а добрите практики претежно произлегуваат од активист(к)ите за женски и човекови права, научните истражувања и граѓанскиот сектор.

Во држави како што се Велика Британија и Португалија се воспоставени иницијативи и сервиси за заштита на жртвите и едукација (на пример СОС линии, апликации, психолошка поддршка), како и стратегии за само-заштита кои се базираат на добро познавање и искористување на дигитални алатки.

Во државите од регионот (Албанија) ова прашање се отвора во јавната дебата и клучни иницијативи се на повидок, се вели во соопштението за извештајот на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство