Израел не забележа нови смртни случаи од коронавирус, првпат по 10 месеци, а бројот на смртни случаи вчера остана непроменет – 6.346, пренесува Би-Би-Си.

Последен пат кога во Израле не бил забележан ден без починати од корона бил на 29 јуни минатата година, кога воведениот локдаун го спречи првиот бран на инфекции.

Бројот на новоинфицирани лица во Израел опадна откако го достигна својот врв во јануари годинава, а владата започна да ги ублажува ограничувањата еден месец подоцна, по почнувањето на масовната вакцинација.

Израел е на првото место во светот според стапките на вакцинација, а во четвртокот земјата достигна пет милиони вакцинирани.

Министерството за здравство објави дека повеќе од 53 проценти од граѓаните, од вкупно околу девет милиони жители, примиле две дози вакцина.