Пратениците попладнево го утврдија дневниот ред за новата 95. седница, а на предлог на ВМРО-ДПМНЕ беше тргната точката за измени на Законот за заштита на населението од заразни болести.

Пратеничката од опозициската партија, Дафина Стојаноска, рече дека предлогот за измени е двосмислен, непрецизен, избрзан и со злоупотреба на европско знаменце.

Нејзиниот предлог беше прифатен од мнозинството пратеници и беше тргната од дневниот ред, меѓутоа во процедурално обраќање координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, кажа дека законот е поврзан со европското право. Сепак, и тој рече дека се потребни дополнителни консултации и дообјаснување на определени членови од законот бидејќи треба да се имаат предвид здравствениот дел и почитувањето на правата на граѓаните според Уставот.

Со оглед дека законот беше со европско знаменце, вчера во Собранието беше закажа седница на Комисијата за европски прашања, меѓутоа беше одложена.

Станува збор за предлог-измени кои меѓу другото предвидуваа во случај на појава на заразна болест, се предлага забрана за влез во објекти за лица кои не се вакцинирани или немаат потврда за прележана болест. Министерството за здравство исто така, според нив ќе може преку примена на технолошки методи да спречи ширење на заразната болест.

Вчера, министерот за здравство, Беким Сали, во изјава за медиумите рече дека овие измени се поврзани со пандемијата на ковид-19.

  1. Изјавите може да ги прочитате на следниот линк.