Кандидатот за градоначалник од СДСМ за Скопје ја напуштил дебатата на МТВ на половина од снимањето, објави кандидатот на Твоја , Александар Тортевски.

Шилегов негира дека избегал и тврди дека имал обврски во работното време како градоначалникот на Скопје.


“Почитувани, ја демантирам објавата на одредени медиуми кои велат и манипулираат дека не сум учествувал, односно дека сум избегал од дебатата што денес се снимаше, а подоцна ќе се емитува на МТВ”, напиша градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, откако дел од медиумите објавија дека „избегал од сред дебата“.

Според него, дебатата била со почеток во 11 часот и траела подолго од договореното, повеќе од два часа, „каде јас се извинив на присутните бидејќи морав да се вратам на обврските како актуелен градоначалник, за разлика од останатите кандидати коишто ја немаат таа обврска во тек на работното време“.

Што се случило точно и дали Шилегов минувал низ сериозни премрежија како пред два дена на Телма кога ривалите тераа шеги со него ќе видиме вечер во 20.15 на МТВ.