Големата надеж на македонскиот тенис Калин Ивановски триумфира на ИТФ-фјучерсот во Монастир, Тунис, со награден фонд од 15.000 американски долари и кој се играше на тврда подлога, освојувајќи го својот прв трофеј во сениорска конкуренција.
Осумнаесетгодишниот репрезентативец на Македонија во Дејвис купот, кој летово стигна до четвртфиналето на јуниорскиот Вимблдон, во финалето во Монастир славеше со 4-6, 6-4, 6-1 над Азиз Кијаметовиќ од Босна и Херцеговина по два часа и 26 минути игра.
Ивановски претходно ги „нанижа“ и четвртиот носител Метју Делаведова од Австралија со 6-3, 7-5 на стартот, потоа Едуар Вилослава од Франција со 6-4, 6-1, Николај Неделчев од Бугарија со 6-3, 3-6, 6-3 во четвртфиналето и вториот носител Сирил Ванденмерш од Франција со 6-7 (2), 7-5, 7-6 (2) во полуфиналето.