Разликата во ставот и пристапот на поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев кон државното име експлицитно се виде на Самитот за климатските промени во седиштето на Обединети нации во Њујорк.
На меѓувладиниот панел во рамките на редовната годишна сесија на Генералното собрание на ОН претседателот на Владата е овековечен насмеан зад таблата со натпис „Северна Македонија“ на англиски јазик. До него се вицепремиерот Бујар Османи и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
На ист ваков Самит за климатските промени, но на 3 декември минатата година во полскиот град Катовице, Иванов седеше зад натпис на кој со бела хартија беше покриено „Бивша југословенска…“ над „Република Македонија“.