ИТН никогаш нема да потклекне за Македонија, порачаа од партијата на Трифонов

Партијата Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов уште еднаш се закани со напуштање на владината коалиција ако се попушти под притисокот однадвор за симнување на ветото за почеток на преговорите на Македонија за членство во Европската унија.

Шефот на парламентарната група на ИТН, Тошко Јорданов, нагласува дека условите за кревање на блокадата за евроинтеграцијата на југозападниот сосед на Бугарија се содржани во договорот за формирање на владината коалиција. Тој го обвини премиерот Кирил Петков од Продолжуваме со промените дека „си дозволува обиди за компромис со националниот идентитет и интерес“.


Според Јорданов, проблемот е во Македонија, која не го исполнувала Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.

Парламентарната група на ИТН има 25 члена и без неа Владата би останала без сегашното мнозинство од 134 пратеници од вкупно 240 во Народното собрание на Бугарија.