Италија на патот на Македонија и до ЕП 2024, во групата се и Англија, Украина и Малта

Бранителот на титулата Италија, која Македонија ја „нокаутира“ во полуфиналето од мундијалскиот бараж, ќе им се испречи на најдобрите македонски фудбалери и во квалификациите за Европското првенство 2024 во Германија.

Покрај со избраниците на селекторот Роберто Манчини, кои нема да го видат Катар поради голот на Александар Трајковски во судиското надополнување во Палермо, „црвено-жолтите“ ќе ги одмерат силите и со Англија, Украина и Малта во групата Ц, одреди ждрепката во Франкфурт.

На ЕП ќе се пласираат двете најуспешни селекции во групата.

Македонија два пати ремизира со Англичаните, и тоа 2:2 во Саутемптон 2002 и 0:0 на „Олд Трафорд“ 2006, а од Украинците загуби со 2:1 во последниот меѓусебен дуел лани во Букурешт на Европското првенство.

Скорот против Италија е нерешен (1 победа – 1 реми – 1 пораз, гол-разлика 4:4), негативен со Англија (0 – 2 – 2, 3:5) и со Украина (1 – 1 – 3, 2:5), а позитивен со Малта (5 – 1 – 0, 15:2).

Квалификациите ќе се одиграат меѓу март и ноември 2023 година, а ЕП од 14 јуни до 14 јули 2024 година во Берлин, Минхен, Дортмунд, Гелзенкирхен, Франкфурт, Штутгарт, Хамбург, Диселдорф, Келн и Лајпциг.