Од денеска до 2 август во барокниот замок Линхартови и чешкиот градот Крнов е поставена изложба насловена „Interitus Macedonum“ („Истребување на Македонците“) по повод 75 години од егзодусот на децата бегалци од Егејска Македонија, а во организација на македонскигте заедници во Чешка и во Полска.
Во тревникот пред замокот е аплицирано македонското национално знаме со Сонцето од Кутлеш, а авторот на изложбата Георги Дуртаноски постави уметничка инсталација на отворено со 20.000 црвени стапалки со испишано име и презиме на секое протерано дете и неговото родно место со македонски топоним.
Во Крнов во 1948 и 1949 беа сместени најголем број македонски деца кои ја напуштиле својата родна земја.
Перформансот на Дуртаноски вклучува и изложба на фотографии и предмети од децата-бегалци, а во изложбените витрини се сместени нивни лични предмети – клучеви од нивните домови во кои никогаш не се вратија, торби за леб, ѓумчиња за вода, камчиња од нивните куќи/цркви во кои биле родени или крстени, капсули со вода од македонските реки во Егејска Македонија итн.
Централно место во изложбата зазема „метлата за етничко чистење на Македонците од кралицата Фредерика“ претставена со црвена метла овенчана со круна и хемиската формула на напалм-бомбите.
Изложбата ја отворија градоначалничката на Албрехтице, Јана Мурова, и Димитри Кирјаковски, истакнат македонски деец од Костур, кој во 1948 година на петгодишна возраст прво бил згрижен во детските домови во Полска и подоцна во Чешка.