Светските и домашните универзитетски професори, историчари и политиколози се согласни дека познавањето на сопственото минато ја отвора вратата кон иднината….

Но, бугарското општество одбива да се соочи со сопственото фашистичко и расистичко минато, иако историските факти го потврдуваат токму спротивното, пишува „Нова Македонија“ по повод 82 години од донесувањето на таканаречениот „Закон за заштита на нацијата“ донесен на 24 декември 1940 година од страна на бугарското собрание, закон одобрен и потпишан од бугарскиот цар Борис Трети.

Проф. д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја истакнува дека токму споменатиот закон децидно и категорично ја сместува Бугарија во земјите со фашистички режим. За ваквата карактеризација постојат и други факти, секако. Како што е, на пример, воено-политичкото сојузништвото сo фашистичка Италија и нацистичка Германија за време на Втората светска војна, вели Литовски.

„Законот за заштита на нацијата наметнуваше остри репресивни мерки за сите политички противници на профашистичката власт на царот Борис Трети и нему лојалните граѓански политички сили. Пред сѐ на комунистите, кои масовно беа следени, апсени, затворани и убивани.

Со тој закон се наметнале низа репресивни мерки за Евреите: им беше одземено правото на глас, беа предмет на полициски час, исклучени беа од работни места во јавниот сектор, беа намалени нивните имоти и економските активности, а нивниот пристап до универзитетско образование беше ограничен“, нагласува Александар Литовски.

Според него, по германско-италијанскиот напади врз Грција и Југославија и по окупацијата од бугарската армија на големи делови на вардарскиот и егејскиот дел на Македонија, поради Законот за заштита на нацијата, кој забранувал да им се додели државјанство на лица од еврејско потекло, бугарскиот парламент додели бугарско државјанство за сето население од „новоослободените“ региони, со исклучок на Евреите.

„Профашистичката бугарска влада предводена од Богдан Филов потпишала официјален договор за депортирање на Евреите во логорите на смртта во окупирана Полска, врз основа на што 11.343 Евреи од Македонија, Грција и од Србија. Во март 1943 година беа пренесени во логорите на смртта и од кои само неколкумина преживеаја“, вели проф. д-р Александар Литовски.