„Од 1945 до 1966 година во Турција се иселиле приближно 246.000 Албанци од цела Југославија. Повеќе од половината беа од **** Македонија.“ – тврди Хаџи Адеми од Србица (изворен српски топоним за град сега преименуван како Скендерај) од Косово во својата колумна со наслов „Српско-југословенските напори за раселување на албанското население“, која ја објави телевизијата на албански јазик „Шења“ на својот интернет-портал. Хаџи Адеми е историчар-истражувач од Институтот за историја од Приштина од Приштина.

Случајно, или не, но во период од една недела ова е втор случај албански медиуми и политички аналитичари од Македонија и Косово да го форсираат прашањето на „албанските територии во Македонија и нивното враќање на Албанците“. Индикативно, тоа временски се совпаѓа со едногласните барања на албанските партии во Македонија за отворање на нејзиниот Устав, за „бришење на дефиницијата ‘20-процентна нација“ за Албанците во Уставот и потоа, следувателно, и за прогласување на „албанската државотворна нација во Македонија“, што неколкупати лично Али Ахмети го има кажано.

Натаму, во својата колумна Хаџи Адеми, покрај другото, пишува: „Раселувањето на албанското население од Косово и од североисточните територии, односно од **** Северна Македонија, започна со избувнувањето на Првата балканска војна, падот на Отоманската империја и окупацијата на албанските земји од страна на балканскиот православен сојуз, односно на српско-црногорско-бугарско-грчкиот сојуз.“

„Албанците беа меѓу најголемите народи во рамките на Југославија, но официјалната политика на Белград беше насочена кон етничко чистење на автохтоните албански села, како и создавање поволни услови за населување на словенските доселеници. Раселувањето беше познато како денационализација на Косово и другите покраини населени со Албанци, што беше една од главните цели на југословенската политика.“

„Југословенската влада водеше политика на денационализација преку миграција на Албанците од Косово и Македонија во Турција. Како резултат на политиката на терор во текот на 1953-54 година во Турција заминале околу 5.000 луѓе од окрузите: Скопје, Куманово, Прешево, Тетово, Гостивар, како и од селата Горна Жупа и Коџаџик од Голем Дебар.“

„Илјадници луѓе избегале од Прилеп, Манастир, Ресен и други краишта. ња итн. Според истражувачот Нол Малком, во 1953 година започнала голема миграција, според извештаите, 13 илјади ‘Турци’ ја напуштиле Југославија и се преселиле во Турција. Според него, во периодот од 1945 до 1966 година во Турција се иселиле приближно 246.000 луѓе од цела Југославија. Повеќе од половината беа од **** Македонија.“

Минатата недела водечкиот косовски весник „Бота сот“ објави опширна анализа со наслов „Седумдесет проценти од територијата на Македонија се имоти и сопственост на Албанците“, во која напиша: „Зошто македонската држава не им ги враќа насилно одземените имоти на Албанците, кои потоа се национализирани? Ако се спроведе ова, колкав проценти од територијата на Македонија би бил албански? Зошто албанските политички партии не ги промовираат правата на Албанците да им се вратат нивните имоти, значи да ја принудат државата да им ги врати имотите и да им даде надоместување на претрпените штети?“

Во анализата на „Бота сот“ политичкиот аналитичар од Македонија Сулејман Мехази тврди: “Насилно им се одземени имоти на Албанците од Преспа, Охрид, Струга, Дебар, Кичево, Гостивар, Тетово, Скопје, Велес, Прилеп, Битола, па дури и од Штип!“ Потоа Мехази „прашува“: „Кој ги зел албанските имоти од Битола, градот на албанската азбука, која пред Втората светска војна 65 проценти била албанска? Кој ги зел имотите и на Албанците во Скопје и околината, кое пред земјотресот од 1963 година 70 проценти било албанско?“