Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи денеска ги повика муслиманските земји да престанат да извезуваат нафта и храна во Израел, истовремено барајќи прекин на бомбардирањето на Појасот Газа, објавија државните медиуми.

„Мора веднаш да престане бомбардирањето на Газа (…) мора да се запре извозот на нафта и храна за ционистичкиот режим“, рече верскиот водач.

Палестинското Министерство за здравство, кое е под надзор на Хамас, тврди дека во израелскиот напад досега загинале околу 8.000 луѓе. Хамас е сунитска исламистичка група поддржана од Техеран и која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка група.

Иранските верски водачи го предупредуваат Израел на ескалација доколку не ја прекине својата агресија врз Палестинците и се закануваат дека другите групи во регионот поддржани од Исламската Република ќе интервенираат во конфликтот.