Во време кога живееме нова технолошка револуција неопходно е да се насочиме кон можностите кои доаѓаат со професиите поврзани со т.н. зелена агенда.
Токму во вакви моменти е потребно да се свртиме кон проширување и отворање на нови видици и на создавање на програми за едукација и креирање на професии кои би овозможиле отворање на нови работни места соодветни за новите индустриски потреби.

Намалување на јазот помеѓу потребите на бизнис заедницата и на квалификуваните и компетенти работници е првата и најважна обврска за успешна економија во која клучна улога има соодветното образование. Стручните училишта, како и факултетите и центрите за стручно образование со збогатување и проширување на своите програми и курикулуми се вистинското решение за премостување на моменталните проблеми на понудата и на побарувачката на пазарот на труд. Како за пример, во изминатата година откако се актуелизираше прашањето за создавање енергија од алтернативни извори, се соочивме со сериозна побарувачка за квалификувани монтери на фотоволтаици која буквално преку ноќ стана една од најбараните и најплатените професии.
Следејќи ја зелената агенда на ЕУ за постигнување на нула емисија на CO2, исправени сме пред предизвикот да го препознаеме пазарот за водород како енергенс и што поскоро да обезбедиме едукативни програми кои ќе им овозможат соодветни знаења на идните професионалци во стручните училишта и техничките факултети за новите професии како што се техничари и инженери обучени за ракување со водород и/или негово производство.
Превземајќи ги искуствата и знаењата од другите земји, особено е важно да информираме дека пред само половина година стартуваше и проектот Tech2nicians: Обука на ученици од центри за стручно образование и наука за стекнување технички и деловни вештини потребни на пазарот со водород е Еразмус+ проект финансиран од ЕУ.
Целта на овој проект, кој ќе трае до 2024 година е да се креира курикулум за специјализиран модул за обука во стручно образование за специјалист техничар за ракување со водород преку соработка со центри за стручно образование и обука, претприемачки експерти и истражувачки центри. Оваа програма за едукација ќе обучува професионалци да можат да ги покријат фазите на производство, ракување и експлоатација на водородот како извор за отпочнување на сопствен “зелен” бизнис. Во Шпанија на пример постојат сериозни индустриски производствени капацитети како и истражувачки центри кои веќе неколку години го користат водородот како енергенс и чии искуства би можеле да ги превземеме и пресликаме овозможувајќи развој на т.н. „зелена“ економија.
Проектот 2021-1- ES01-KA210-VET-000032908 е финансиран од Европската комисија преку Еразмус + програмата во партнерство на организации од Шпанија, Полска и С. Македонија.
Пишува: Катерина Златановска Попова