Македонија во процесот на финални преговори со Грција влезе неподготвена без да ги користи меѓународните механизми и принципи и остави широк простор за маневар на Атина вели во ексклузивно интервју за expres.mk Ида Мантон, тренер, истражувач и предавач со повеќе од 18-годишно професионално искуство.
Таа во својата кариера има обучувано дипломати, владини претставници, бизнисмени, воени претставници и студенти за процесите на меѓународните преговори, дипломатија, ефективна комуникација, интеркултурни разговори, медијација и справување со конфликти.
Expres.mk: Вашиот ангажман во поголемиот дел е поврзан со обуки и тренинзи во странство, за институции како Колеџот на НАТО во Рим, Колеџот на Европа во Бруж, Секретаријатот и Мисии на ОБСЕ, Европска Комисија, дипломатски Академии и Универзитетски програми низ Европа. На што работите во моментов?
Во подготовка сум на организирање меѓународна конференција за преговори „ Како да се стане подобар преговарач“ во Прага на 19-ти ноември. Минатата година изградивме мрежа од обучувачи/предавачи од полето на меѓународни преговори. Десетмина сме од различни држави и јас сум единствената од Македонија.
Се викаме POINT (Programme on International Negotiation Training) и во Прага и формално ќе и се приклучиме на најголемата мрежа од светски експерти, PIN (Processes of International Negotiation) која долги години ја градат татковците на оваа научна гранка – Зартман, Мертс, Ансти, Росо, Албин, Меламуд, Сјостед и многу други. На овој настан ќе ја прославиме и 30 годишнината на ПИН. За мене ова е огромна чест и обврска.
Се надевам дека меѓу учесниците на оваа Конференција во Прага ќе имаме и Македонци, а за да го олесниме тоа туристичката агенција Савана понуди целосен и многу прифатлив аранжман. Воедно, сите заинтересирани можат да се регистрираат и да платат котизација online: https://kupikartizase.com/Events/pinroadshow_2018. Организацијата на овој преубав настан во Прага сериозно ме окупира последниве месеци, но не ме спречува да работам на редовните предавања и обуки.
Тукушто се вратив од Рим, каде предавам на Обуката за високи офицери на НАТО колеџот, а следната недела заминувам за Прага каде предавам на Економскиот Универзитет кој има Дипломатска програма. Потоа следи Букурешт каде со француската ЕНА ги подготвуваме Романските служби за претседателствувањето со ЕУ од Јануари 2019, па Анкара и годината ќе ја завршам во Њујорк, каде овој месец прифатив да бидам Виш советник во PACE Global Strategies.
Expres.mk: Кои вештини се потребни за успешен и добар преговарач?
Преговарањето е вештина која се учи. Токму за таа цел е наменета и конференцијата во Прага, каде од врвни експерти од различни полиња на преговорите учесниците ќе можат да дознаат повеќе за клучните сегменти при преговори со луѓе од различна култура како Кина, на пример, преговори со терористички групи, постконфликтни или бизнис преговори.
Процесот на преговори ќе речам само дека не е праволиниски и во него се вмрежуваат сите комуникации и интеракции на двете страни, не само министерските или премиерските средби. Напротив, се работи за комплексни процеси во кои се разработуваат сите најситни детали, сѐ што им претходи на преговорите и сѐ што е меѓу мерка за градење доверба. Повеќе за програмата, говорниците, темите на конференцијата може да се најде на веб страната на ПИН:
http://www.pin-negotiation.org/index.php?page=81&nieuwsitem=232
Expres.mk: Како експерт на полето на меѓународни преговори и дипломатија сигурно ги следите преговорите за нашето име со Грција. Што мислите за договореното и последиците?
Секако. Јас овој процес го следам уште од периодот на моите студии во Холандија 2005-2007, кога за испитот по меѓународни преговори кај Проф. Пол Мертс одбрав да пишувам за процесот на преговорите кои тогаш имаа сосем поинаква динамика и позицијата на нашата држава беше сосем поинаква.
Сегашниот Министер и тогаш беше главниот македонски дипломат кој беше задолжен со оваа нелесна задача, но тогаш во улога на Амбасадор во САД. Тогашната позиција беше дека ние немаме проблем, ние знаеме како се викаме и дека Грција е таа која има проблем. Од аспект не истражување и тогаш, како и сега, беше невозможно да се продре до тие кои беа дел од процесот за конструктивно да се поразговара за можните решенија, за она што државните избраници можеа и требаше да го прават во тој, за нив оправдан со таа ригидна позиција, вакум.
Грција имаше сосема поинаков пристап кон ова прашање. За нив ова е едно од најважните прашања од нивната надворешна политика и во целиот период од времената спогодба до сега тие активно работат на наметнување на своето мислење по повод нашето име, но и многу други поглавја поврзани со името.
Затоа јас често повторувам дека ова не се преговори за името, туку за сето тоа што едно име го носи, а тоа вклучува историја, идентитет, државност и државотворност, суверенитет, малцински права, етнички прашања…Сѐ се ова теми кои на Балканот предизвикувале војни, размена на населенија, поделби и територијални реорганизации.
Не е ова наивно прашање кое може да се реши набрзина и при тоа да нема последици бидејќи многу различни групи и во двете општества имаат различни ставови, интереси, потреби и невозможно е да им се угоди на сите.
За Грција, овој Договор е од огромно значење, бидејќи со него се оправдуваат политиките на државата во последниве безмалку 100 години.
Нормално е дека тие сакаа да влезат во преговори во кои ќе делуваат од позиција на моќ и припадност во клубовите кон кои ние тежнееме, а ние како надворешни молители да бидеме тие кои ќе мораат да ја голтнат горчливата таблетка и да се надеваме дека таа трансакција е исплатлива.
Expres.mk: Што сметате дека е интересно и специфично во овој процес?
Многу работи. Еве на пример мене ми е доста интересен моментот кој нашите политичари го именуваат како „единствена можност“, како „можност која не сме ја имале и нема да ја имаме“. Таа можност беше создадена, искреирана. Не се создаде таа самата по себе.
Не беше тоа момент кој нам ни одеше во прилог. Имаше такви моменти, но ниту ние, ниту ЕУ не ги искористивме за да ја поставиме Грција во позиција на порамноправен преговарачки партнер.
Оваа појдовна точка беше „можност“ само за оние кои веруваа дека ќе излезат како победници од овој несиметричен процес. Нас впрочем нѐ болеа многу други работи за кои граѓанството се сплоти и излезе на улици.
И новата влада наместо да одговори на тие болки, реши да се занимава со преговарање со Грција.
Прашањето е кој беше толку самоуверен дека моментот е доволно зрел за ние да можеме да преговараме, а при тоа да не бидеме целосно потиснати во ќош од кој што ќе мораме да прифатиме многу непристојни предлози? Зошто тогаш?
Да Ве потсетам, во тоа време сите супранацаионални структури ни велеа да си бараме билатерално решение со Грција. Па тоа беше најлошата препорака која никому не смееше да му заличи како добар момент за решение.
Нам напротив, ни беа неопходни сите меѓународни структури, искуства, правно договорени заштитни механизми кои сме ги граделе во мултирателаните преговори во рамките на ОН, ОБСЕ, Советот на Европа.
Ние наместо да ги пречекуваме светските лидери ПО Договорот, требаше да ги молиме за поддршка во експертски кадар и преговарачки дизајн кој ќе ни дадеше подобра подлога за конструктивен процес.
Процесот кој резултираше со Преспанскиот Договор, барем според тие информации со кои јас располагам, недоволно ги искористи тие заштитни механизми и со некоја почетничка, дури наивна верба во подобро утре кон кое ќе води автопатот Пријателство, се одвиваше без сериозно поставена рамка, со парцијално консултирање на меѓународното право кое напати е и прекршено во Договорот и без поставување на солидна структура со чисти теми кои одделни експертски групи ќе ги анализираа, дебатираа и осмислуваа со кој јазик тоа ќе биде формулирано и дефинирано.
Expres.mk: Што мислите за договорените компромиси? Колку од договорот е компромис, а колку е немање опции за избор во тоа што ќе биде дел од договорот и како ќе се формулира?
Имам чувство дека Грција отиде на мегдан далеку поподготвена, посилна (бидејќи ние дозволивме да се случуваат процесите билатерално, а не во рамки на меѓувладина структура на експерти/медијатори кои ќе го водеа овој процес) и посигурна дека може да ги менува стратегиите и тактиките во тек на процесот (да игра нефер без да биде прекорена).
Пак ќе речам, моите информации за жал се ограничени бидејќи јас никако не бев вклучена во процесот, освен како граѓанин и набљудувач кој ги добива инфомациите од медиумите. Оставам простор и да грешам, но во недостиг на искрена транспарентност за процесот, останува да цениме по завршеното.
Многу од деталите допрва ќе се откриваат, но она што ќе остане се тие 19 страници на кои двете страни ставија потпис на еден протоколарно чуден настан во Преспа. Тоа допрва ќе треба да се имплементира, а тоа нема да биде воопшто безболен процес за Македонската држава и тие што ќе бидат на власт, чија одговорност ќе биде преточувањето на зборови во дела.
Јас имам проблем со неколку од договорените компромиси, посебно оние кои се во спротивност со меѓународните стандарди, договори и документи кои и до сега ги регулираа односите меѓу државите и односот на државата кон човекот.
Политичката цена за ова да помине и покрај немањето поддршка од граѓанството ќе биде висока, а превирањата во опозицијата се само мал дел од она што е во директна спрега со овој процес.
Мислам дека џокерот со посетите на високите претставници требаше да го почуваме за следната година и да осигуревме конструктивни посети со подолг престој, не само куси прес конференции и пречеци по аеродромите. Македонија покажа дека може да разбуди интерес, прашање е дали знаеме да го насочиме тој интерес кон долгорочни решенија или ќе се задоволиме со твит посети.
Ние сме премали да си дозволиме да не ги користиме сите ресурси и повеќе да се грижиме кој на која партија и припаѓа, дури и во случаи на прашања од вакви размери.
Јас сум отворена за соработка, совет, мислење, консултација и тоа често им го велам на оние кои се на позиција и одговорни да ги изградат капацитетите на тимовите и секој поединечно.
Дел сум од големи мрежи во кои соработувам со светски познати имиња, кои благодарение на нашето пријателство и соработка би дошле да работат со било која група и би можеле да помогнат да се дизајнираат процесите, да се најдат најадекватни кадри, да се изолира политиката од овие технички процеси, ама ако за тоа се има волја во нашите институции.
За овие задачи ќе мора да се носат тешки одлуки и некои партиски кадри да се изолираат за да има простор за експерти и способни технократи чиј совет и стратегија треба да е водилка, а не обратно.
Ида Мантон е магистер по меѓународни односи и дипломатија на Универзитетот во Лајден и институтот за меѓународни односи Клингендејл (Холандија)
Со Мантон разговараше Катерина Златановска Попова