Италијанскиот фудбалски гигант Интер се огласи по објавата на неговиот некогашен напаѓач Горан Пандев дека ја завршува професионалната кариера.

„Од Примавера до врвот на светот. Ти благодариме за сè, Горан. #Легенда #ФорцаИнтер #Пандев“, стои во пригодниот пост на социјалните мрежи на 19-кратниот првак на Италија.


Најдобриот македонски фудбалер во историјата токму со Интер ги оствари најголемите успеси во својата кариера – во сезоната 2009/2010 ги освои Лигата на шампионите, Светското клупско првенство, Суперкупот на УЕФА, Серија А, Купот на Италија и Суперкупот на Италија, а во 2010/2011 уште еден куп на Италија!

Во двете сезони во сино-црниот дрес „Гранде Пандев“ одигра 70 меча и постигна 8 гола во сите конкуренции.