Група македонски интелектуалци упатуваат јавен проглас за прашањето со Бугарија.

Во објавениот текст се зборува за повеќе теми кои се од големо значење за решавање на спорот Скопје – Софија.

Целиот текст интегрално:

Во овие судбински денови за европската иднина на нашата татковина, длабоко загрижени поради фактот што таа станува заложник на апсурдните барања на Република Бугарија, одлучивме да се обединиме во мислата и во зборот за Македонија.

Секој од нас има сопствени погледи за тоа каква Македонија сакаме. Многу често не се согласуваме, ги биеме битките секој на свој начин, како што, впрочем, и му доликува на едно демократско општество.

Во овие мигови, кога нашата татковина се соочува со ултиматуми, чијашто цел е ревизија на националната и на културната историја на македонскиот народ, а индиректно и на темелите на современата македонска нација, кога се блокираат евроинтегративните процеси, кога страхуваме дека неодговорното поведение на внатрешните, македонски политички фактори, ја удвојуваат таа опасност, нема сомнение дека се наоѓаме пред уште еден клучен историски предизвик.

Поради тоа, дојдено е времето да се сплотиме сите заедно и да застанеме еден до друг, а не еден наспроти друг. Време е да се обединиме, водени од промислата за опстанокот на нашата татковина.

Нашата татковина Македонија е европска земја. Таа лежи во срцето на Балканот, на просторот каде што, всушност, е родена современата европска цивилизација. Истовремено, Македонија е и крстопат на цивилизациите, феномен што остава траен и неповторлив белег на нејзиниот идентитет. Никој нема право, во име на сопствениот национален и државен интерес, да прави тенденциозна интерпретација на историските факти и на севкупното балканско и европско историско минато, злоупотребувајќи ја привилегијата што ја овозможува членството во европското семејство. Никој нема право да ѝ ја одрече на Македонија нејзината европска иднина и да ја спречи во нејзиното интегрирање во составот на Европската Унија.

Современата македонска држава, создадена кон крајот на Втората светска војна, почива врз истите темели и врз истиот вредносен систем врз којшто е изградена модерна Европа. Затоа ние со гордост и без предрасуди зборуваме за антифашизмот, за универзалното право за самоопределување на народите, за почитувањето на суверенитетот и на интегритетот на државите, за отфрлањето на хегемонизмот и на територијалните претензии, за заштитата на човековите слободи и права и за другите вредности на модерна Европа.

Своето осамостојување во 1991 година, нашата татковина го круниса со јасно изразена волја на граѓаните за европеизирање на земјата, идеја која малку подоцна созреа и во формална апликација за нејзино пристапување кон Европската Унија. Тоа е природен развој на македонската држава, а не наметнат политички проект.

Македонија, токму затоа, не може и не смее да прифати цената за добивање датум за почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија да биде разнебитување на историски заокружениот легитимен процес на конституирање на македонската нација и нејзиното размакедончување.

Македонија не може и не смее да прифати концепт на бугарски корени на македонскиот народ и нација. Наводниот бугарски историски идентитет на Македонците не е и не може да биде основа на новиот европски идентитет на државата.

Македонија не може и не смее да се согласи со опцијата составен и базичен дел од европската преговарачка рамка со Македонија да бидат рамковната позиција на Министерскиот совет на Република Бугарија од 9 октомври 2020 година и Декларацијата на Народното собрание на Република Бугарија од 10 октомври 2020 година, затоа што со овие два документа се негираат посебноста на македонскиот народ, неговиот јазик и другите национални одлики на македонската култура. Таквите уцени не се европска вредност и затоа треба да бидат изземени од преговарачкиот процес за евроинтеграцијата на нашата држава, како штетни и ирелевантни.

Македонизмот и Македонија не се ретроградни феномени. Напротив, македонизмот е еманципаторска и обединувачка идеја, а нејзината реализација е фактор на мир и стабилност во регионот и во Европа. Нема разумна причина да се тврди дека македонизмот внесува неспокојство кај другите балкански народи, вклучувајќи го и блискиот и пријателски бугарски народ. Европската Унија познава повеќе примери на народи кои во историјата имале допирни точки, но тоа не било причина да се негира автентичноста и посебноста на секоја национална култура. Современа Македонија, во историска смисла, не е нечиј недовршен политички проект.

Базирајќи се врз своите длабоки историски корени и на силните пројави на македонизмот во периодот на конституирањето на модерните европски нации, изворниот суверенитет на Македонија е потврден и конституционално дефиниран во текот на Втората светската војна. Таа е меѓународно легитимиран ентитет уште од основањето на ООН.

Потписници на прогласот се луѓе кои важат за блиски и на левицата и на десницата во Македонија:

Божидар Божиновски
Ивица Боцевски
Митре Велјаноски
Бранко Героски
Жидас Даскаловски
Александар Диневски
Елка Јачева Улчар
Слободанка Марковска
Владимир Милчин
Ивор Мицковски
Симона Спировска
Ивица Челиковиќ
Катица Ќулавкова