Власта се обидува, ама никако реално да ги намали цените на дел од основните прехрамбени производи. Токму затоа инспекцијата казни 4 компании за непочитување на одлуката да ги намалат цените на некои производи. Алфа направи обиколка низ поголемите маркети, но и повеќе маалски продацвници.Откако беше наложено да повтинат за 10, односно за 15%, макароните и шпагетите се продаваат од 5 до 8 денари поевтино, млекото е намалено од 8 до 10 денари, а во дел од поголемите маркети – сирењето и кашкавалот и натаму се продаваат по иста, па дури и повисока цена. Па затоа не чуди и одлуката да се казнат овие компании со 18.200 евра, зашто и натаму печалат врз и онака сиромашниот граѓанин.

Капак на се и скапото овошје и зеленчук. Кромидот кој до лани се продаваше за 50, 60 денари за килограм, сега надминува 100 денари, велат трговците. Цената е висока, зашто тој доаѓа од увоз, бидејќи немаме домашно производство. Граѓаните реагираат дека и покрај замрзнатата цена на дел од производите, скапотијата на големо се чувствувала.
До сега, инспекцијата прочешлала над 250 фирми низ Македонија. Оние кои ќе си тераат по свое, ќе платат од 800 па се до 10.000 евра, во зависност од големината на компанијата.

Паралелно, граѓаните бараат да се намалат цените и на останатите производи, особено на овошјето и зеленчукот, за што власта веќе кажа дека се размислува и за тоа. Веќе од следната недела, најверојатно ќе се намали цената на јајцата, шеќерот и оризот.
Инаку, ова е второ замрзнување на цените годинава. Прв на листата беше лебот кој падна на 33 денари, и во земјава се направи невиден хаос, односно во маркетите немаше леб.