Секој денар е добредојден, особено за оние кои имаат мали примања. Но инфлацијата ги изеде парите што Владата ги најавува за ранливите категории. Речиси 200 илјади луѓе ќе бидат опфатени со антикризните мерки. На ова треба да се гледа како на „прва помош“. Потребни се долгорочни решенија.
Џуриа Зендел е самохрана мајка. Таа и нејзиното бебе се најдоа во групата од речиси 42 илјади граѓани кои од државата ќе добијат по вкупно 12 илјади денари (околу 200 евра) распоредени во четири месеци за ублажување на последиците од енергетската и ценовната криза.
Дваесет и пет годишната Зендел е социјален случај и од државата добива по 6700 денари месечно социјална помош.
„Овие пари мене навистина ми се добредојдени, имам мало бебе. Живеам под кирија, всушност ме сожали една жена и ме пушти да живеам кај нејзе и плаќам само вода и струја и некако поминувам со тие пари“, вели самохраната мајка.
Освен социјалците, по 3000 денари помош во наредните четири месеци ќе добиваат и луѓето со попреченост или оние кои имаат дете со попреченост, корисници на трета нега, луѓе со потешки трајни промени во здравствената состојба, самохрани родители корисници на минимална помош и невработени лица, односно стечајци. За оваа цел владата одвои над осум милиони евра.
Линк до целиот текст.