Извозот на руска нафта во Индија, трет по големина увозник на сурова нафта во светот по Кина и САД, се искачи на рекордни 1,62 милиони барели дневно во февруари, објави индискиот весник на англиски јазик „Хинду“, повикувајќи се на карго тракерот „Вортекса“. Бројките сугерираат дека Русија е најголемиот снабдувач на сурова нафта во Индија веќе петти месец по ред.
Според извештајот, извозот на нафта на Москва во земјата се зголемил за 28 отсто месечно и ги надминал комбинираните испораки од Ирак и Саудиска Арабија, главните добавувачи на Индија со децении. Увозот од Саудиска Арабија се намали за 16 проценти месечно на 647.800 барели дневно, додека испораките од Ирак изнесуваа околу 939.900 барели дневно.
Русија сега испорачува 35 проценти од целиот увоз на нафта на Индија, што е значително зголемување од нејзиниот удел од помалку од 1 отсто од индискиот енергетски пазар во 2021 година. Њу Делхи почна да го засилува купувањето на руска сурова нафта веднаш по почетокот на војната во Украина и по западните санкции. Ограничувањата резултираа со тоа што Русија ги загуби своите традиционални купувачи на нафта од Запад и ја принудија земјата да бара алтернативни пазари за својата енергија со воведување попусти.
„Индиските рафинерии уживаат во зголемувањето на маржите за рафинирање од преработката на руската сурова нафта со намалена цена… Апетитот на рафинериите за увоз на руски барели веројатно ќе остане стабилен сè додека е економски прифатливо, а финансиските и логистичките услуги за поддршка на трговијата се достапни“, изјави шефот на азиско-пацифичката анализа на „Вортекса“, Серена Хуанг.
Индија продолжи да купува нафта од Русија и покрај повиците од Западот да го запре увозот. Њу Делхи нагласи дека енергетската безбедност е врвен приоритет и дека ќе продолжи да прави сопствени избори за добавувачите.
Според рускиот амбасадор во Индија, Денис Алипов, западните санкции всушност ги зближиле Русија и Индија, предизвикувајќи невиден раст на билатералната трговија.