Двајца члена од индиската делегација покажале позитивен тест на Ковид-19, па сите претставници на земјата на самитот Г7 во Лондон се во самоизолација, соопшти денеска британската влада.
„Двајцата делегати беа позитивни, па сега целата делегација е во самоизолација“, рече британски официјален претставник.
„Средбата беше овозможена со строга серија протоколи за ковид-19, вклучително и дневно тестирање на сите делегати“, додаде тој.
Индискиот министер за надворешни работи Субрамањам Џаишанкар не бил позитивен на тест за коронавирус, напиша на Твитер новинарот на Скај њуз, Џо Пајк.
Џаишанкар во вторникот се состанал со британската министерка за внатрешни работи, Прити Пател.
Делегацијата ќе се обиде виртуелно да учествува на состанокот.
Индија не е членка на Г7, но Велика Британија, заедно со Австралија, Јужна Африка и Јужна Кореја, ја поканија на овонеделниот самит.