Хрватскиот портал „Индекс“ со куп комплименти за играта на македонската фудбалска репрезентација синоќа против Гибралтар во Лига на нации, со статистички податоци аргументирајќи ја својата зачуденост што резултатот беше само 4:0.
„Не е некоја новост дека репрезентацијата на Гибралтар од некого загубила 4:0, но начинот на кој Македонија славеше против една од најлошите репрезентации во Европа е ретко виден.
Македонците синоќа во последното коло од Лига на нации постигнаа четири гола, но ама баш никому не му е јасно како не дадоа уште толку, па дури и десет гола, бидејќи толку беа доминантни. Екипата на Игор Ангеловски имаше дури 39 удари кон голот, од кои десет одеа во рамката, а изведоа дури 16 корнери. Македонците имаа 76 отсто посед на топката и 701 точно додавање, дури седум пати повеќе од противникот. Сè до 67. минута беше само 1:0, а тогаш Македонците во завршницата забија уште три гола.
Од друга страна, Гибралтар не упати ниту еден единствен удар кон голот. Не изведоа ниеден корнер, а за во нивните статистички податоци да нема само нули се погрижија офсајдите (еден), прекршоците (пет) и еден жолт картон“, пишува „Индекс“.