„Сите албански политички партии ќе настапат на локалните избори во општина Чашка, Велешко, со заеднички кандидат за претседател на општината и со заедничка советничка листа за општинскиот совет. Со оваа коалиција сакаме да ги преземеме печатите на општината. Колективната цел е над личниот инает.“ – вели Халил Ферати во својата колумна под наслов „Зошто постигнавме меѓуалбанска коалиција во општина Чашка?“, која ја објави информативната агенција на албански јазик ИНА. Халил Ферати е поранешен претседавач на Советот на оваа селска општина, од редовите на Алијансата на Албанците. Тој од свои причини даде оставка од оваа позиција кон крајот на ланскиот јануари.

Ферати пишува: „Оваа коалиција не е против Албанците, или против кој било друг, туку со неа сакаме со еден глас да ги преземеме двата општински печата на општината. Некој ќе критикува, но за мене ова е многу нормално, оти секогаш малцинството е незадоволно и тоа секогаш реагира и напаѓа, ама на крајот се согласува со таа реалност. Историјата се пишува и за добро и за лошо, секогаш за обединување на мојот народ! Личниот инает не е поголем од колективната цел. Одлуките кои ги посакува мнозинството не можат да бидат сопрени од личниот инает на никого и никаде.“


Инаку, како што информираше ИНА пред три дена, во оваа селска општина во регионот на Велес на претстојните локални избори Демократската унија за интеграција, коалицијата Алијанса на Албанците – Алтернатива и Демократската партија на Албанците ќе се натпреваруваат за првпат со еден заеднички кандидат за претседател на општината – со Суат Шаќири, кој доаѓа од редовите на ДУИ. Локалната меѓуалбанска коалиција ќе настапи и со заедничка листа за советници во Советот на општината Чашка.


Во оваа информација ИНА ја цитираше изјавата на Суат Шаќири: „Ние се обединивме! Обединувањето ќе ни донесе победа!“

Агенцијата ја пренесе и првичната изјава на Халил Ферати: „Идејата на оваа коалиција е јакнење и донесување одлуки на албанскиот народ, кој не бил никогаш згазен!“


„Врз основа на движењето на населението во периодот 2002 – 2019 година, како и врз основа на годишните податоци објавувани од Заводот за статистика на Македонија, општина Чашка на крајот на 2019 година имаше 8.227 жители. Етничката структура на тоа население е: 48,1 отсто Албанци, Македонци 44,2 отсто, Турци 5,2 отсто и 2,5 отсто други.“ – напиша ИНА во таа информација од пред неколку дена.


Извор: https://ina-online.net/pse-e-arritem-koalicionin-ndershqiptar-ne-komunen-e-cashkes/
https://ina-online.net/partite-shqiptare-me-kandidat-te-perbashket-ne-nje-komune-ne-maqedoni/