„Македонци во Македонија се само Албанците. Бугарите сакаат да им го украдат на Албанците овој историски термин ‘македонска етничка припадност’, но од историски и лингвистички аспект тоа е неприфатливо. Бугарите се фалсификат – Македонци.“ – тврди Елена Коцаќи, политички аналитичар, историчар – албанолог и професор на Универзитетот „Александер Мојсиу“ во Драч, Албанија, во својата колумна под наслов „Албанците се вистински Македонци, а не Бугарите“, која ја објави информативната агенција на албански јазик ИНА.

Целосно негирајќи ги меѓународно потврденото и признато постоење на македонскиот народ и неговата засебна национална историја, д-р Коцаќи тврди: „Во уставните промени државата с.Македонија треба да има два етникума: Албанци и Бугари. Со присвојувањето на македонската етничка припадност од страна на еден дел од Бугарите се присвојува и еден многу славен дел на историјата на Албанците и ова се дозволува од албанската политичка класа. Македонци во Македонија се само Албанците и тие не треба да дозволат во нивната нова држава да има македонски етнички концепт за Бугарите.“

Професорката Коцаќи во својата колумна пласира ставови, кои се контроверзни и во судир со повеќе аргументирани историски сознанија за племињата што живееле во овој дел на Балканот: „Во антиката Македонците беа од илирското племе на Пајонците, а во средновековието Македонците се викаа Албанци. Дури, Албанците се викаа поинаку и Македонци и Епирци. Ѓерѓ Кастриот ги нарекуваше само Македонците и Епирците како наследници на Александар и Пиро. Со Македонија се повторува истата историја како и со Грција кога Арванитите, кои беа наследници на античките Хелени, станаа фалсификат -Грци и во Македонија единствените вистински Македонци се само Албанците.“

Според колумната на оваа универзитетска професорка, меѓу Албанците и Бугарите како да постои караница и натпревар кој ќе биде Македонец, а кој не: „Историскиот термин ‘етнички Македонци’, етничката македонска припадност на Албанците им ја крадат Бугарите. Бугарите сакаат себе си да се викаат ‘етнички Македонци’, но ова е неприфатливо од историски и лингвистички аспект. Бугарите се фалсификат – Македонци.“

„На Албанците им беше вршено многу големо ‘перење на мозокот’, за да го замразат ова историско име – македонското, со цел да им биде украдено. На ова историско незнаење треба да му се стави крај, бидејќи ќе предизвика проблеми во иднина. Затоа, им упатувам повик на албанските политичари во Македонија да не им дозволат употреба на терминот ‘македонски етникум’ на други, бидејќи единствени наследници на античка и средновековна Македонија се Албанците. Терминот Македонија нека биде за албанско – бугарската држава.“ – заклучува во својата колумна универзитетската професорка Елена Коцаќи од Албанија.