„Има таков народ“ почнува преговори за нова бугарска влада

Најбројната политичка партија во новоизбраниот бугарски Парламент, „Има таков народ“, ги почнува преговорите и консултациите за формирање влада.

Раководството на „Има таков народ“ веќе испратило писма за средба со лидерите на Бугарската социјалистичка партија, „Исправи се БГ! Ние доаѓаме“ и „Демократска Бугарија“.

Во оваа фаза само досега владејачката ГЕРБ на Бојко Борисов нема добиено покана за преговори, дознава БГНЕС.

Според бугарските медиуми, најверојатната владеачка коалиција би се избирала меѓу „Има таков народ“, „Демократска Бугарија“ и „Исправи се БГ! Ние доаѓаме!”, јави дописникот на МИА од Софија.

Тошко Јорданов од „Има таков народ“ во својот краток говор пред новоизбраниот бугарски Парламент, вчера кажа дека во рок од 15 дена ќе стане појасно дали ќе има влада или нови, трети, предвремени парламентарни избори во Бугарија.

Според софиските медиуми, ова значи дека, во најдобар случај, за новата бугарска Влада може да се гласа околу 5-ти август. Девет гласови што недостасуваат од оваа потенцијална коалиција, според различни шпекулации во медиумите, би се обезбедиле од Движењето за права и слободи.