Ниту намалените маржи на производите, ниту ветувањата од власта дека работеле на ублажување на ценовниот шок – не може да ги намали цените на производите кои заминаа до плафон. Бизнисмените велат дека реалното поскапување стаса и до 100% а од Владата лежерно од височина само анализираат без да конкретзираат. Од бизнис конфедерацијата на Македонија за Алфа велат ако државата не покаже сериозност, ништо живо не може да помогне во ублажување на скапотијата која народот го доведува до питачки стап.

Ако трошоците за производство растат, ќе се зголемува и нивната цена. Само маржата која трговците ја наплаќаат ќе биде ограничена на 5 односно 10%, и тоа само за основните прехранбени производи.

И со замрзанити маржи на трговците, цените на производите ќе одат нагоре, алармира бизнис заедницата. Според нив, најавениот антикризен пакет за помош на стопанството и граѓаните е задоцнет, и тешко дека ќе има видлив ефект.

– Цената на еден производ не се состои само од маржите, за да може да се влијае на производот, тука има и други трошоци кои го прават целокупниот износ на еден производ. Благодарност за добрата намера за замрзнување, намалување, контролирање на маржите, производите драстично се зголемуваат, за тоа сме сведоците сите – ние, вие, и сите граѓани кои тоа го чувствуваме и тоа сериозно, вели во изјава за ТВ Алфа, Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија.

Државната статистика потврди дека за една година августовските цени кај храната пораснале за над 25%. Најмногу, над 46% поскапело маслото за јадење, лебот за 44%, сирењето и јајцата за 27%, месото за 23%. Во маркетите килограм мелено месо стигна до 350 денари, свинското 450 денари, додека говедското е надмина 600 денари.

Според Сојузот на синдикатите на Македонија, пак, минималната кошница во август за четиричлено семејство изнесувала 48.234 денари. Оттаму велат дека сѐ повеќе работници работат, а не можат да ги обезбедат основните прехранбени продукти.