„Другари, смрт на фашизмот – да живее револуцијата!“ – извика со силен и пробивен глас Иљо Антески – Смок ноќта меѓу меѓу 16 и 17 мај 1943 година во затворот во Тирана со кренати тупаници на двете раце пред очите на повеќе од 400 затвореници. Пред тоа самиот се качи на сандакот со бесилката, со своите раце ја зеде јамката, самиот си ја стави на вратот и по извикот, од кој полазуваа морници по снагата, јуначки замина во бесмртноста, покажувајќи како се бори и како умира Македонецот за слободата на својот македонски народ и на својата татковина Македонија.
Денес, на 17 мај се навршуваат 80 години од херојската смрт на Илија Антевски – Смок, македонскиот комунист и првоборец. Неговата револуционерна борба и саможртва го впишуваат во најсветлите страници на македонската национална историја и на колективното паметење на македонскиот народ, но претставуваат и непрестајно вдахновение и за секое македонско поколение во борбата за национален опстој и развој.
На трагичниот чин во Тиранскиот затвор му претходат случувањата ноќта на 26. спрема 27 април 1943, на ден Велигден, кога партизаните од новоформираниот партизански одред „Кораб“ упаднале во заседа во Ново Село, Гостиварско. Во нерамноправна борба со балистите во селото загинале Злате Дамјановски, Анте Гиноски, Радован Цониќ и Боге Велјановски. Душко Поповиќ, Илија Антевски – Смок, Раде Угриновски, Драге Тодоровски, Трифко Андоновски, Христо Оџаклиевски, Злате Малаковски, Јаким Синадиновски, Антигона Туфа и Сина Димитровска биле заробени, а осуммина успеале да го пробијат непријателскиот обрач.
Заробените партизани биле пренесени во Тирана, во Албанија. Малолетните партизани, меѓу кои и народниот херој Злате Малакоски биле осудени на робија, а оние возрасните биле осудени на смрт со бесење. Поради оваа одлука на фашистичките колаборационисти, Комунистичката партија на Албанија испечатила летоци и повикала на протест. „Народе на Тирана, шест Македонци, борци за слобода, ги бесат денес фашистичките колачи на тиранската земја.“ – било напишано на врвот на летокот.
Истиот ден Околискиот комитет на Комунистичката партија на Албанија за Тирана организирал масовни демонстрации, на кои излегле илјадници жители на Тирана. Подробности за овие демонстрации навел Илија Топалоски во својата статија „Нашата бригада и братството со албанскиот народ“. Демонстрациите не дале резултат.
Покрај Иљо Антески – Смок, во затворот во Тирана биле убиени и комунистите Душко Поповиќ, Христо Оџаклиевски, Раде Угриновски, Драги Тодоровски и Трифко Андоновски, заробени заедно со него. Сите загинале во името на животот, за да живеат засекогаш во колективното паметење на македонскиот народ.
Иљо Антески – Смок Тетово е роден на 25 јули 1919 година. Во 1939 година се запишал како вонреден студент на Правниот факултет во Белград. Бил вработен во монополот во Тетово. Станал член на СКОЈ во 1940, а потоа, во септември 1941 година и член на КПЈ и на Месниот комитет во Тетово. Од јуни 1942 година е принуден да живее илегално, а на почетокот на септември 1942 година заминува во партизани. Тогаш се приклучил на во Гостиварско-мавровскиот партизански одред „Кораб“. Станува инструктор на Окружниот комитет на КПЈ за делот на Македонија под италијанска окупација и политички комесар на Мавровскиот партизански одред.
Иљо Антевски Смок и припаѓаше на онаа плејада борци од НОБ и антифашистичката војна, кои несебично се жртвуваа за националната слобода на Македонија. Тој загина на неполни 24 години и немаше можност и среќа да ја почувствува и да ја дочека слободата, во која толку многу веруваше. Но, неговите дела и идеали длабоко се врежани во срцето на македонскиот народ и се вградени засекогаш во темелите на македонската држава.
Денес неговото име го носи националната установа Центар за култура во Тетово, а постои и спомен-обележје во тетовската населба Два Бреста.
Подготвил: Свето Тоевски