Десетици илјади луѓе протестираа во саботата во Италија, Франција и Швајцарија против ковид – пропусниците, епидемиолошките мерки и вакцините.

Француската полиција соопшти дека повеќе од 40.000 луѓе се собрале на демонстрации низ целата земја во саботата по 14-ти пат.

Илјадници демонстрантипротив рестриктивните мерки маршираа и низ швајцарските градови, а контра-демонстрации се одржаа во Берн. Сите митинзи минаа мирно.

Вчера, илјадници луѓе во Италија протестираа против задолжителните ковид пропусници што мора да ги поседуваат сите вработени во Италија.

Мерката, со која се опфатени 23 милиони работници во приватниот и јавниот сектор во Италија, беше воведена во петокот.

Критичарите на таканаречената „зелена пропусница“ (доказ дека некое лице е вакцинирано, има негативен PCR тест или прележал корона) наведуваат дека мерката е удар врз личните слободи, додека приврзаниците на оваа мерка тврдат дека тоа овозможува натамошно ублажување на рестрикциите.