Првата апликација до судот во Стразбур поврзана со аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов била поднесена од поранешниот градоначалник Владимир Талевски пред три години, на 3 ноември 2017 година, а само меколку дена подоцна во Меѓународниот суд стасале уште пет тужби од Македонија.

Ова го изјави Влатко Илиевски, правен застапник на десетте поранешни функционери кои ја тужат државата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за Плусинфо.

„Со оглед на фактот што првата апликација во Европскиот суд за човекови права е поднесена во ноември 2017 од страна на Владимир Талевски, не може да се каже дека постапката сега почнува. Судот за сето тоа време правел оцена на фактите и аргументите и нѐ повикува на пријателско спогодување до 18 декември годинава“, вели адвокатот Илиевски и сопруг на поранешната министерка Гордана Јанкулоска.

Тој вели дека не може со оптимизам да гледа на претстојното пријателско спогодување со државата со оглед на изјавата на министерот за правда во која се обидува, како што оценува Илиевски, да ја релативизира вистината за постапката која се води пред Меѓународниот суд .

„Се надевам дека ќе ме демантираат со нивна добра намера, побарав средба со претставник од Бирото за застапување на државата пред Европскиот суд за човекови права, но изјавата на министерот за правда не оди во прилог на оптимизам во очекувањето дека државата ќе има добри намери“, вели Илиевски.

ПОВЕЌЕ