Илиевски од СДСМ ветува нов објект за албанската гимназија во Куманово“

Оливер Илиевски, кандидатот од СДСМ за градоначалник на Куманово на претстојните локални избори, вети нов објект за гимназијата на албански јазик „Сами Фрашери“ во овој град, но и изградба на градинки за деца, шеталишта и парк во кумановските населби ‘Бајрам Шабани’ и ‘Тоде Мендол’, населени и со Албанци.

Овие ветувања социјалдемократскиот претендент на позицијата градоначалник на Куманово ги даде во интервјуто за информативната агенција на албански јазик ИНА (линк на „јутјуб“:https://www.youtube.com/watch?v=VIZ6raZzKwo ).

На својот интернет – портал ИНА напиша: „Претендентот за градоначалник на Куманово од СДСМ Оливер Илиевски во интервјуто дадено за информативната агенција на албански јазик ИНА зборуваше и за приоритетите за албанските населби во оваа општина, но и за решавање на проблемот на гимназијата на албански јазик ‘Сами Фрашери’ во Куманово.“

Во својата информација под наслов „Планови за албанските населби и албанската гимназија во Куманово на претендентот за градоначалник од СДСМ“, агенцијата го цитира Илиевски: „Илиевски ветува изградба на градинки за деца во населбите ‘Бајрам Шабани’ и ‘Тоде Мендол’, бидејќи тоа недостасува таму: ‘Доделени ни се пари од Министерството за труд и социјална политика за изградба на градинка во ‘Тоде Мендол’, но поради кризата со ковид-19 беа повлечени. Сега ги бараме повторно тие пари, кои ќе ни овозможат изградба на градинката во ‘Тоде Мендол’. Планираме проект и за ‘Серава’, така што од влезот во оваа населба ќе изградиме шеталиште за нашите граѓани. Планираме во ‘Тоде Мендол’ да изградиме спортско повеќефункционално игралиште, бидејќи и тоа недостасува. Нашите граѓани имаат потреба за рекреација. Недостасува и парк и шеталиште за деца, каде што тие ќе уживаат во природата.“

ИНА го нагласува и ветувањето на сдсмовскиот кандидат за градоначалник Илиевски во врска со гимназијата на албански јазик: „Оливер Илиевски ветува и решение за гимназијата ‘Сами Фрашери’, каде што наставата се изведува во мизерни услови во поранешниот објект на Земјоделскиот комбинат во Куманово: ‘Повеќе пати сум ја посетил оваа гимназија и таму децата учат во многу лоши услови. Првично ќе ги прашаме граѓаните каде сакаат да биде нивното училиште и врз основа на тоа ќе го правиме проектот. Во соработка со Министерството за образование или ќе градиме ново училиште, или ќе купиме соодветен објект, кој по пат на реконструкција би ги исполнил сите услови за една гимназија, решавајќи го така еднаш засекогаш овој проблем.“
Илиевски во интервјуто за оваа информативна агенција, исто така, изјавил: „Ние ги гледаме населбите оценувајќи кои инфраструктурни проекти се неопходни, што им недостига, и врз основа на тие согледувања правиме програми и проекти, без разлика која етничка заедница живее во која населба“.

Извор: https://ina-online.net/plani-per-lagjet-shqiptare-dhe-gjimnazin-shqiptar-ne-kumanove-flet-pretendenti-per-kryetar-komune-video/