Словенечкиот Меѓународен институт за блискоисточни и балкански истражувања (ИФИМЕС) без дипломатски речник за Бугарија и Бугарите во својата најнова анализа насловена „Избори 2021 во Бугарија: Бугарски ‘напад’ врз Северна Македонија“ и објавена денеска.
„Блокирајќи го интегративниот процес на Северна Македонија, Бугарија го блокира интегративниот процес на сите земји од Западен Балкан во ЕУ. конкретен повод за неспокој е информацијата дека Бугарија планира да примени таква блокада и во однос на српскиот пат кон ЕУ. Поради горенаведеното, Бугарија е ‘грдото лице на ЕУ’“, констатира Институтот.
ИФИМЕС за тоа директно ја прозива партијата на Бојко Борисов, оценувајќи дека „преку ГЕРБ мафијата институционално стана дел од ЕУ“!
„Бугарија има нераскинливи врски со Москва, но прима финансиска поддршка од Брисел“, се додава во анализата, во која се вели дека најсиромашната членка на Унијата, на пример, од нејзиниот буџет во 2018 година добила 2,169 милијарди евра, а уплатила само 487 милиони. Покрај тие пари, од 2014 до 2020 година Бугарија од европските фондови за кохезија примила дополнителни 1,863 милијарди евра.
„Оттука, Бугарија добива повеќе од 3 милијарди евра од ЕУ секоја година, што е приближно еднакво на буџетот на Република Северна Македонија. Друга точка на загриженост е фактот дека Бугарија ја финансира својата деструктивна политика во регионот со парите на даночните обврзници на ЕУ“, се забележува во анализата.
За историската заднина на односот кон Македонија, пак, ИФИМЕС пишува дека „уште од самото свое создавање, Бугарија е исправена пред криза на идентитетот“.
„Независна Бугарија е создадена врз основа на договорот меѓу Руската империја и Отоманското царство, т.е. со Договорот од Сан Стефано од 1878 година. На територијата на Бугарија во тоа време живееле главно богомилско, македонско и турско население, кои подоцна биле насилно ‘бугаризирани’ под силниот притисок на новосоздадената држава. Проектот ‘Голема Бугарија’ потекнува од тој период и е оживеан во тековната изборна кампања. Имено, тоа се рефлектира преку аспирациите кон целата територија на Република Северна Македонија, дел од Северна Албанија, Косово и дел од Србија. На Косово, Бугарија доделува бугарско државјанство и пасоши претежно на Горанците. Благодарение на својата географска позиција, поточно на фактот дека е поблиску до Истанбул и Русија, Бугарија стана клучен играч на руската дипломатија на Балканот. Фактот дека Русија ја создаде Бугарија создаде неразделна врска со Москва – како противтежа на кнежевството и последователно на Кралството Србија, кое имаше блиски односи со австро-унгарската монархија“, се вели во текстот.
„’Бугаризацијата’ на населението продолжува до денес. Бугарија се обидува да го прикрие овој факт и врши силен притисок врз етничките Македонци во Бугарија да се изјаснат како Бугари, иако се проценува дека бројот на етнички Македонци што живеат во Бугарија е најмалку 10 проценти од вкупното население“, заклучува Институтот во својата опширна анализа за односот на Бугарија кон Македонија пред претстојните парламентарни избори на 4 април.