Стево Пендаровски му се придружи на хорот составен од Зоран Заев, Никола Димитров, Радмила Шекеринска и другите првенци на власта во тврдењето дека со Преспански договор бил бетониран македонскиот национален идентитет.

„Да, да – имаме право да се викаме со име што сме. А тоа, пред само неколку години, беше незамисливо дека ќе го договориме. Не на меѓународно ниво, туку дека во грчкиот парламент ќе помине нешто со ваква содржина беше непоимливо“, одговори Пендаровски на прашањето дали јазикот и понатаму се вика македонски, а народот Македонци во интервјуто за Хрватска радиотелевизија објавено на 17 септември.

Во него првиот претседател на „Северна“ се пофали и дека во договорот била загарантирана употребата на придавката „македонски“.

„Значи, имаме македонски јазик, неспорно, и имаме македонски како придавка. Ние можеме да кажеме: македонска книжевност, македонски ајвар… итн, итн.“ – И македонски народ? – „И македонски народ, да. Македонци“, ќе потврди Пендаровски.

Супер! Штом е така, зошто тогаш никој, ама баш никој од државниот врв, ни премиерот, ни шефот на дипломатијата, ни министерката за одбрана, а богами ни претседателот, никако да изусти „македонски одбојкари“, „македонска армија“, „македонско дипломатско претставништво“ и слично? Наместо тоа, се отепаа од верглање недефинирани изрази од типот „нашите одбојкари“, „нашата армија“, „нашиот конзулат“, додека земаат здив од папагалското повторување на „Северна“ во секоја можна пригода.

Објаснувањето го дава лично Алексис Ципрас преку Твитер на 5 јули.

„Тие инсистираат да лажат дека Грција прифаќа македонска нација и јазик со договорот. Тие мамат, бидејќи многу добро знаат дека никаде во договорот нема признавање на македонска нација. Има признавање на националност (во смисла на државјанство – н.з.)“, твитна сега веќе бившиот грчки премиер токму поради договорот од Преспа.

Шу праиме сега? Кој лаже за идентитетот – Заев, Димитров, Шекеринска или Пендаровски? Ако не се тие, тогаш со помпезно најавениот акциски план на Владата за борба со дезинформации и напади на демократијата ќе мора да биде третиран – Ципрас?!