Изминатите денови тимот на Идеа Лаб уживаше во убавините на Маврово. По многуте организирани тим билдинзи за компании кои што ги има организирано оваа агенција, овој пат истата организираше тим билдинг за својот тим.
Поттикнати од идејата за развој на туризмот и зајакнување на економијата преку летување во Македонија и уживање во македонските природни убавини, оваа агенција започнува интересен предизвик кој има за цел да ги стимулира останатите млади компании кои имаат желба да ја запознаат Македонија.
„Идеа Лаб како маркетинг и ПР агенција досега има организирано над 150 тим билдинзи за многубројни компании со цел доближување на нивните вработени и развој на тимскиот дух.
Оваа година тим билдингот за вработените од Идеа Лаб решивме да го направиме на малку поразличен начин. Тим билдингот беше исполнет со многу креативни игри, кои што ги зближија членовите на тимот, пропратени со многу адреналин, како и многу забава.
Сето ова ни беше доста потребно на сите, особено по стресниот период од карантинот и актуелниот корона вирус“, изјави Димитар Атанасовски, еден од сопствениците на маркетинг и ПР агенцијата, Идеа Лаб.
Покрај многубројните авантури на Идеа Лаб, шетајќи низ околината на Маврово, Леуново, Никофорово, Сретково и Церово, поради забележаните огромни количества на отпад, искористени шишиња, пластика, но и искористени маски за заштита од корона вирусот расфрлани покрај патот, со тимски брзо организирана еко акција се исчисти околината од отпадот.
„Несебично, тимот на Идеа Лаб се впушти во еколошка акција на чистење на прекрасната природа од отпадот расфрлан од несовесните посетители. Ние велиме СТОП за уништувањето на природата, затоа што одбраната на животната средина започнува од поединецот. Со појавата на корона вирусот, заштитата и хигиената мора да се на високо ниво, а со оставање на отпадоци зад себе, не се допринесува за зачувување на здравјето и спречување на ширењето на вирусите и бактериите. Идеа Лаб како општествено одговорна агенција има единствена цел, а тоа е да ги поттикне сите компании, без разлика на нивната големина, да се вклучат во запознавањето на Македонија и зачувување на животната средина“, се вели соопштението на Идеа Лаб.