„Напнатоста на северот на Косово е знак за можни промени на државните граници во Балканот, воспоставени по 1991 година. САД и ЕУ вршат притисок врз Косово да се спроведе договорот за основање Асоцијација на српските општини. Но, дали официјален Вашингтон ќе поддржи и други асоцијации врз етничка основа во Балканот, па и во Македонија?“ – вели Селим Ибраими, доктор по политички науки и основач и раководител на Институтот за безбедносни студии и развој – Македонија, во својата колумна со наслов „Косово во ‘пат’-позиција – Србија продолжува да им се умилкува на САД и ЕУ“, која ја објави телевизијата на албански јазик „Шења“ на својот интернет-портал.
Покрај другото, Ибраими пишува: „Стејт департментот на САД е се погласен, заедно со ЕУ, за спроведување на договорот за формирање на Асоцијацијата на српските општини во Косово и за автономија на локалните Срби. Во земјите на ЕУ оваа асоцијација би имала смисла, но не и во Западниот Балкан. Но, како е можно Вашингтон да прави се, за да добијат Србите на Косово да добијат специјален статус, нешто што не го гледаме во **** Македонија?!“
„Можеби американскиот Стејт Департмент има и право кога инсистира за формирањето Асоцијација сега врз етничка основа и можеби, зад дипломатската завеса, бара нова поделба на Балканот врз етничка основа. Ова може да биде знак дека Вашингтон е можеби изморен од поддршката за мултиетничките држави во Балканот! Овде мора да се види дали официјален Вашингтон ќе поддржи и други асоцијации во Балканот. Во реалноста мали се можностите Вашингтон и Брисел да прифатат асоцијации врз етничка основа во **** Македонија, или во Прешевската долина.“
Селими не посочува во својата колумна на каква и чија „асоцијација врз етничка основа во Македонија“ мисли, ниту каков и чиј „специјален статус во Македонија“ не гледа дека постои: дали за Србите, или можеби за некој друг етникум. Но, останува претпоставката со голема веројатност дека сето тоа се однесува, пред се, на Албанците.
Албанската партија „Унитети“, која ја основа Гзим Острени, „началник на Генералштабот на УЧК“ од 2001 година, во октомври 2015 година сосема отворено го кажа она, за што се залагаа и за што се залагаат безмалку сите албански политички партии и во минатото и денес. Во својата информација со наслов „Движење ‘Унитети’: Да се формира Асоцијација на албанските општини во Македонија“ од 15 октомври 2015 година ТВ 21 објави: „По обидите за формирање Асоцијација на општините на немнозинските заедници во Прешевската долина и во Косово, и во Македонија се појави таква иницијатива. Вчера на плоштадот во Тетово Движењето ‘Унитети’ го објави својот предлог за создавање ‘Асоцијација на албанските општини во Македонија’.“
Најновите настојувања за натамошна децентрализација на државната власт и можното воведување двостепена локална самоуправа во Македонија сосема реално можат да означат институционална и законска основа токму за регионализација, или поточно кажано за втемелување „Асоцијација на албанските општини“ во Македонија. Тоа ќе биде најдиректно засновано и врз „референдумот за територијална и политичка автономија на Албанците во Македонија“ од 11 и 12 јануари 1992 година, по кој беше „прогласена Автономната република Илирида“ во западниот дел на македонската територија.
Во статија со наслов „Албанците – проблем за пописот во Македонија“ од 27 октомври 2011 година албанскиот информативен портал „Калѕо“ недвосмислено има укажано кој етникум и од кога веќе има здобиено „специјален статус’ во Македонија: „Охридскиот договор му стави крај на оружениот судир во 2001 година меѓу албанските востаници и македонските безбедносни сили, гарантирајќи и повеќе права на албанската заедница. Неговите одредби подоцна беа оживотворени во Уставот, кој им дава специјален статус и права на малцинствата, кои надминуваат 20% од вкупното население.“