„Билал Касами треба да започне полека да ја оддалечува Беса од СДСМ, која сега има двојна улога околу тоа дали ќе се распишат, или нема да се распишат предвремените парламентарни избори, и конфузен однос наспрема СДСМ. Касами треба да ја консолидира Беса како партија и таа сама да настапи на предвремените избори, а не со заеднички листи. Македонија во секој случај оди кон економска и политичка нестабилност и политичките актери треба да одлучат што ќе се случува по големиот пораз на СДСМ на локалните избори и по загубата во градот Скопје.“ – анализира Селим Ибраими, доктор по политички науки и основач и раководител на Институтот за безбедносни студии и развој – Македонија, во својата колумна под наслов „Ќе има ли раздор меѓу Беса и СДСМ?“, која ја објавија тој Институт и информативната агенција на албански јазик ИНА.

Д-р Селими пишува: „ДУИ на Али Ахмети загуби на локалните избори во големите градови и победи во селските средини. ДУИ излезе на изборите со „хип – хоп“ и одвратна пропаганда, која донесе дебакл во градовите, во кои живеат мнозинството Албанци во Македонија. Партијата Беса на Билал Касами, лојална на СДСМ и премиерот во оставка Зоран Заев, го освои Тетово и сега има двојна улога во политичките маневри со распишувањето, или нераспишувањето предвремени парламентарни избори во 2022 година. Сигурно, политичките односи меѓу Беса и ДУИ се во конфузен процес, поради загубата на кандидатката на ДУИ Теута Арифи (поранешен градоначалник) од Билал Касами.“

„Сега е многу важно да се погледне односот меѓу Беса и СДСМ: дали ќе има раздор? Моментно, единствената алка која ја одржува врската на Беса со СДСМ се министерот за земјоделство Аријанит Хоџа и пратеникот Кастриот Реџепи. Тие се против оставката на премиерот Заев, одржувањето на силни врски со СДСМ и секако против продолжување на истата политика. Најпосакувана верзија за Касами е полека да почне чекор по чекор да се оддалечува од СДСМ и по големата победа во Полог, Тетовско, да ја консолидира партијата, за да настапи на следните избори со чист национален профил, а не со заеднички листи.“

„Во секој случај, Македонија оди кон економска и политичка нестабилност и политичките актери треба да одлучат што ќе се случува по големиот пораз на СДСМ на локалните избори и загубата во градот Скопје.“ – заклучува Селим Ибраими во својата колумна.