Со водство од околу 2,2 милиони гласа, актуелниот претседател на Туција, Реџеп Таип Ердоган го победи својот опозициски противкандидат Кемал Киличдароглу во вториот круг од претседателските избори и обезбеди уште еден петгодишен мандат.
Врховната изборна комисија на Турција соопшти дека Ердоган е избран за претседател со освоени 52,1 отсто од вкупниот број на обработени гласови, додека неговиот опозициски опонент, Кемал Киличдароглу освоил 47,8 отсто со речиси сите преброени гласачки ливчиња во вториот круг од изборите.
Ердоган ја прогласи победата на претседателските избори уште пред Врховната изборна комисија на Турција да го соопшти официјалниот изборен резултат.
Тој им се обрати на своите приврзаници, кои во голем број се собраа пред неговата резиденција во Истанбул, заблагодарувајќи им се што му ја дале одговорноста да владее во следните пет години.
Победата на Ердоган на синоќа се славеше и во Скопје.
Организирани со возила и турски знамиња, припадниците на турската заедница во земјава се движеа низ централното градско подрачје, славејќи го реизборот на актуелниот турски претседател.
На видеото објавено од ТВ 21 се гледаат поддржувачи на турскиот претседател кои во колони од возила, со свирежи и веење на националното знаме на Турција ја слават победата на Ердоган.
