Претседателот на Турција го објави името на турската вакцина против коронавирусот – „Турковац“, јави агенцијата Анадолија.

Програмата за развој на вакцини влезе во фаза 3 од клиничките испитувања на волонтери, што започна во градските болници во Анкара, а претседателот Реџеп Таип Ердоган присуствуваше на настанот преку видео конференција.

Ердоган рече дека Турција ќе ги засили своите напори за масовно вакцинирање со вакцини увезени од Германија и Кина, но дека националната вакцина ќе помогне во контролата на инфекцијата во иднина.

„Исклучително е важно да имаме своја вакцина за да ја спасиме нашата земја од пандемијата што е можно побрзо и да обезбедиме здравје и благосостојба на нашата нација“, рече Ердоган.

Турција оваа недела објави крај на повеќето ограничувања на пандемијата поради намалувањето на бројот на нови случаи, но Ердоган ги повика турските граѓани да продолжат да се вакцинираат за да се заштитат себе си и своите најблиски од вирусот.