И Спасов против дивоградбите: „Силјановска е во право“

Универзитетскиот професор, Ѓорѓи Спасов смета дека голема грешка е Законот за легализација на дивоградбите и уште поголема членот 41 од тој закон со кој се запираат кривичните постапки против оние што свесно правеле кривично дело со градење без градежна дозвола, пренесува 360 степени.

Тој смета дека носењето на ваков закон ќе му предизвика голема штета на СДСМ во пресрет на локалните избори.

Гордана Силјановска овој пат е во право и штета што ниту еден пратеник од СДСМ не се спротивстави на овој чин на ’заеднички договор за непочитување на законите и на правната држава‘.

 И да се поништи и да не се поништи од овој закон штета ќе има, пред сè, СДСМ бидејќи голем дел од нас и така ВМРО го сметаме за неодговорна партија. СДСМ не смееше да дозволи со еден ваков чин да им даде за право на оние што се обидуваат да докажат дека е ист со ВМРО. Користа што можеби некој ја пресметал за општините пред локалните избори,од легализацијата преку наплатување на 50% повисоки давачки за легализирање на дивоградбите, ќе биде многу помала од штетата што се прави со пораката ’градете на диво, кога и да е, тоа ќе се легализира‘ и од скриената амнестија што ја изнудиле од ВМРО“, реагира Спасов на Фејсбук.

Тој го повикува претседателот на државата, Стево Пендаровски, да не го потпишува указот за влегување во сила на овој закон.

„Сè друго ќе биде погубно пред сè, за СДСМ и ќе ја зајакне улогата на Левица и на малите партии што не гласаа за овој закон. Уставниот суд би можеле со голема леснотија да го укине овој закон а тоа би бил дополнителен пораз за СДСМ“,смета Спасов.