Многу подобро издание во споредба со претходните средби, но и тоа не беше доволно за македонските ракометари да избегнат пораз и од Белорусија со 30:26 на збогувањето со 27. Светско првенство во Египет.

Своето најдобро прво полувреме на шампионатот „црвено-жолтите“ го крунисаа со реми 14:14, а нерешено 20:20 беше и во првите десетина минути од второто, по што Белорусите резултатски се одвоија и без проблеми ја сочуваа предноста до крајот.

За утеха, капитенот Кирил Лазаров во својот веројатно последен настап на мундијалите беше прогласен за играч на натпреварот со 7 гола, од кои 6 во првиот дел, вкупно 317 на 43 меча на светските првенства.

Независно од последните дуели по групи од главната фаза, Македонија нема да биде подобро пласирана од 21. место, што подразбира најслаб пласман на планетарните собири по 18. позиција во дебито исто така во Египет 1999.