Италијанската крајнодесничарска влада даде зелено светло за музејот на холокаустот во Рим, од каде што речиси 2.000 Евреи беа депортирани за време на Втората светска војна и испратени во концентрациони логори.
Национален музеј во главниот град „ќе придонесе за одржување на споменот на холокаустот“, рече владата предводена од италијанската премиерка Џорџија Мелони откако нејзините министри се согласија со проектот доцна во четвртокот.
Соопштението дојде по официјалната посета на Рим минатата недела на премиерот Бенјамин Нетанјаху, пишува Times of Israel..
Владата на Мелони планира да инвестира 10 милиони во тој проект.
Италијанскиот Corriere della Serra пишува дека пред неколку години градот добил земјиште за овој проект во паркот Вила Торлонија, каде се наоѓа и летната резиденција на фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини,
По години стагнација, проектот конечно почнува да се спроведува.
„Музејот „Шоа“ постои во сите големи европски метрополи и јас сметав дека е правилно тој да се реализира и кај нас“, рече Џенаро Санџулијано, министер за култура на Италија, користејќи го хебрејскиот збор за Холокауст.
Владата доцна во четвртокот го одобри планот, пишува германската агенција dpa.
Главниот град на Италија е дом на една од најстарите еврејски заедници во Европа.
Рут Дурегело, претседателка на еврејската заедница во Рим, се заблагодари на владата за нејзината „конкретна грижа за темата за сеќавање“.
