Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), побара достоинствена плата и фер услови за сите осдобено по зголемувањето од 78 отсто на платите на политичарите и функционерите.

Денешниот Првомајски протест почна пред седиштето на ССМ, продолжи кон Собранието и заврши пред Владата.

На пратениците и на извршната власт им порачаа дека „не е исто покачување од 2.000 денари на година и 2.000 денари на ден“ и дека „Работниците се државата“ – како што гласеше и слоганот на денешниот протест за Денот на трудот.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски пред Владата рече дека функционерите „си ги покачија платите за 78 проценти, а нас нѐ убедуваат дека 2.000 денари е доволно да преживее македонскиот работник“, пренесе „Република“

„ Со две илјади денари работникот не може да го издржи месецот, додека некои со 78 отсто си го поминуваат месецот лежерно и убаво. Ние, работниците, не се откажуваме – како за нив, така и за нас. Нека ги намалат и тие платите и ние нема да бараме. Но, интенцијата е да се зголемат платите на сите работници, бидејќи гледаме во какво време-невреме живееме и колку се потребни тие пари. Пазарат по продавници и нѐ лажат дека цените се намалени, но ние сме секој ден таму и тоа не се случува. Го повикувам македонскиот работник, пензионер, народ, да излезе и да се сплоти и да им кажеме „не“ на овие што не мислат на нас и си гледаат само за себе, истакна Димовски.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи, здруженија на граѓани (УПОЗ), Трпе Дејановски, праша за кој труд претставниците на Владата си ги зголемиле платите за 800 евра во најголема инфлација.

Тој на пратениците им порачаа дека наместо народни, „сѐ повеќе се ненародни избраници“ и дека работниците паметат сѐ што тие прават и не прават за нив.

Игор Герасов од Синдикат на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) додаде дека со шеесетте часа работна недела ги уназадуваат правата кои се изборени уште пред 150 години од американските работници.

„Во 19 век на денешен ден нашите колеги во Америка се организираа токму за тоа, да се намали работното време на 40 часа неделно. Нема да дозволиме во 21 век, по 150 години, македонскиот работник да го враќаат во 19 век. Ако треба секој ден ќе бидеме пред Владата и пред Собранието, истакна Герасов.