„И порано, и сега Македонија е бугарска“: Подмладокот на ВМРО-БНД со марш низ Софија

Во центарот на Софија вечерва се одржува марш со мотото „Долу Ној“ во организација на младината на вонпарламентарната партија ВМРО-БНД.

Учесниците скандираат: „И порано, и сега Македонија е бугарска“, „И порано, и сега Босилеград во Бугарија“, „И порано, и сега Цариброд во Бугарија“, „Долу Ној“, „Во бој, во бој за народот свој“, „За Бугарија – слобода и смрт“, како и „Мизија, Тракија, Македонија“.


Нојскиот договор е потпишан пред точно 103 години – на 27 ноември 1919 година. Во бугарската историографија тој е означен како еден од најпогубните за нивните национални интереси, бидејќи „11.278 квадратни километри територија се отсечени од Бугарија, 600 илјади Бугари остануваат надвор од границите, а репарациите што таа мора да им ги плати на сојузниците изнесуваат 2,25 милијарди златни франци“.

„Според Договорот од Ној, ги губиме струмичко и Западните покраини. Западна Тракија беше окупирана од француските трупи, а на конференцијата во Сан Ремо во 1920 година Антантата ѝ ја предаде на Грција со одредба дека таа на Бугарија ќе ѝ обезбеди слободен и бесцарински пристап до Белото Море – нешто што никогаш не се случило. Од воена гледна точка, на Бугарите им е забрането да поседуваат тешко оружје, да имаат армија со регрути, а професионалната војска е ограничена на 20.000 луѓе. Со текот на времето, локалните политичари успеаја да договорат 10.000 жандармерија и 3.000 граничари“, пишува бугарскиот весник „Труд“.